Либиските бунтовници зазедоа нафтена рафинерија
Напредувањата на бунтовниците ги отсекоа силите на Гадафи од нивните главни патишта на снабдување
ЗАВИЈАХ - Либиските бунтовници вчера презедоа контрола врз нафтената рафинерија во западниот град Завијах и го блокираа главниот пат на север кон главниот град, изолирајќи го уште повеќе упориштето на Моамер Гадафи во Триполи. Напредувањата на бунтовниците последниве денови ги отсекоа силите на Гадафи од нивните главни патишта на снабдување по неколкумесечниот ќор-сокак, а 41-годишното владеење на либискиот лидер се најде под невиден притисок.
Мали групи бунтовници ја зазедоа внатрешноста на рафинерискиот комплекс во Завијах, околу 50 км западно од Триполи, по должината на патот што го поврзува Триполи со Тунис, без знаци за силите лојални на Гадафи кои се бореа за рафинеријата. „Борбата за рафинеријата траеше два дена, но главната битка беше минатата ноќ. Презедовме контрола минатата ноќ“, рече Салех Омран (31), бунтовник од Завијах, кој зборуваше за Ројтерс од внатрешноста на комплексот. Тој рече дека бунтовничките сили се бореле со околу 150 војници на Гадафи, кои подоцна побегнале од крајбрежната рафинерија со чамци.
Лекарите од болницата неколку километри на југ од Завијах јавија дека девет луѓе биле убиени, а најмалку 45 повредени во борбите околу градот и во рафинеријата, повеќето бунтовници, а силите приврзани на Гадафи погодиле куќа во близина на болницата со ракети „град“.
Бунтовниците, исто така, го контролираат градот Гарјан, што се наоѓа околу 80 км јужно од Триполи на главниот пат, јави известувач на Ројтерс, додавајќи дека бунтовниците распоредиле тенк Т-34 и противвоздушно оружје одземено од силите на Гадафи на главниот плоштад. Бунтовничките сили напредуваа неколку километри северно од Гарјан, судирајќи се со силите на Гадафи. Црн чад се издигнуваше од насоката на борбите, а дописник на Ројтерс јави за оружен оган и експлозии на ракети „град“. Каде се наоѓа Гадафи не е познато.
Портпарол на бунтовниците од Мисурата, која е под контрола на опозицијата, источно од Триполи, јави дека бунтовниците нашле закопани тела на цивили за кои велат дека биле масакрирани од силите на Гадафи. „Откривме масовна гробница со 150 тела во Таварга. Тие се тела на цивили, киднапирани од Мисурата од страна на силите лојални на Гадафи. Бунтовниците пронајдоа видеоснимка што покажува како киднаперите ги масакрираат луѓето“, рече тој. (Ројтерс) |