Асад изјави дека воените операции се запрени
АМАН - Сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави пред генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун дека воените и полициските операции против продемократските демонстранти се запрени, но активистите јавија за нови крвопролевања во текот на ноќта. Локални активисти јавија дека двајца демонстранти биле убиени од припадници на милицијата приврзана на Асад, по вечерните рамазански молитви во средата во градот Хомс, а безбедносните сили извршиле напади врз квартови на Хама и на главниот град Дамаск.
Се очекува САД да побараат Асад да се повлече, јавија извори од Вашингтон за Ројтерс. Во текот на вчерашниот ден се очекуваше повикот од САД, а, исто така, и ЕУ да го следи примерот, јавија изворите. „Асад се обидува да ја убеди Турција дека нападите се запрени, што, исто така, би помогнало да се смират САД, мислејќи дека тој уште еднаш би го спречил Вашингтон да бара од него да се повлече“, јави западен дипломат во Дамаск. „Но, операциите се' уште не се запрени“.
Иако сириските власти го најавија повлекувањето на војската од Хама и од Деир Ал-Зор, жителите јавуваат дека воените единици се' уште се присутни во тие места, а апсењата и пукањето кон демонстрантите продолжуваат. Војската се' уште е распоредена во Хомс и во крајбрежниот град Латакија. Вкупно 24 цивили загинаа во средата во Сирија, јави сирискиот Сојуз за координација на револуцијата.
Во телефонски разговор со Асад во средата, Бан изрази вознемиреност поради информациите за многубројни кршења на човековите права и прекумерна употреба на сила од сириските безбедносни сили против цивилите, соопштија ОН. „Генералниот секретар нагласи дека сите воени операции и масовни апсења мора веднаш да прекинат. Претседателот Асад изјави дека воените и полициските операции запреле“, се вели во соопштението.
Настаните се дел од бранот дипломатски маневри што го зголемија притисокот врз Асад да ги запре неговите воени и полициски пресметки со демонстрантите, кои протестираат против неговото владеење. Турскиот премиер Таип Ердоган ја спореди ситуацијата во Сирија со онаа во Либија, каде што бунтовниците се борат со силите лојални на Моамер Гадафи од февруари. „Направивме најмногу што можевме за Либија, но не можевме да постигнеме резултати. Сега тоа е меѓународно прашање, Гадафи не може да одговори на нашите очекувања, а исходот е очигледен“, изјави Ердоган. „Сега, истата ситуација се одвива во Сирија. Го испратив мојот министер за надворешни работи и лично стапив во контакт многу пати, последен пат во телефонски разговор пред три дена. И покрај сето тоа, се' уште се убиваат цивили“. (Ројтерс) |