Флеш-вести
Хуго Чавез планира нови национализации
Венецуелскиот претседател Хуго Чавез најави дека планира да ги национализира рудниците за злато во земјата и да ги повлече златните резерви од западните земји. Чавес стави голем дел од венецуелската економија под државна контрола и сега го насочува вниманието кон индустријата за злато, откако владата влезе во спор со странски компании поради ограничувањата за извоз на злато. (МИА)
Одговор
Турски авиони нападнаа курдски цели во северен Ирак
Турски воени авиони извршија напад врз 60 цели на курдски бунтовници во северниот дел на Ирак во рамките на успешната операција во текот на изминатата ноќ, соопшти Генералштабот на Турската армија. Во соопштението се наведува дека турската артилерија извршила напади врз 168 цели во регионот пред воздушната операција, која била преземена откако бунтовници од Курдската работничка партија (ПКК) поставија заседа на турски воен конвој во југоисточниот дел на Турција и убија 12 припадници на силите за безбедност. (МИА)
Криза
Се затвораат приватни училишта во Грција
Голем број места во приватните училишта во Грција оваа година ќе останат празни, бидејќи илјадници ученици ги напуштаат овие образовни установи поради кризата што ја зафати Грција. Уписите во приватните училишта се намалени за 25 проценти во изминатите три години, а приватните училишта ги напуштиле 17.300 лица.
Одливот се должи на високите школарини, а најголемиот број граѓани од средната класа во Грција не можат да си дозволат да ја плаќаат таа цена и преферираат да ги испратат своите деца во државните училишта. Поради ова, во земјата се затворени седум приватни основни училишта, гимназии и колеџи. Истата судбина ќе ги снајде и 20 детски градинки. (МИА)
Корупција
Уште еден бразилски министер поднесе оставка
Рио де Женеиро - Бразилскиот министер за земјоделство, Вагнер Роси, поднесе оставка, со што се продлабочи кризата во владата на претседателката Дилма Русеф. Роси е четврти министер што си заминува од функцијата, откако Владата стапи на должност пред седум месеци. Тој поднесе оставка поради тврдењата за корупција што се однесуваат на неговите советници. Роси е виден член на партијата Бразилско демократско движење, најголемата политичка сила во владејачката коалиција. (МИА)
Статистика
Една петтина од децата во САД живеат во сиромашни семејства
Околу 14,7 милиони деца во САД или околу 20 проценти од децата се сиромашни, покажуваат резултатите од истражувањето што го спроведе фондацијата „Ани Кејс“. Според истражувањето, бројот на сиромашните деца во САД се зголемил за 2,5 милиони од 2000 година, кога 17 отсто од децата живееја во семејства со мали примања. (МИА) |