Дефанзивниот Ливерпул ја поттурна „кралската круна“
Англичаните остварија победа со 1:0 на „Сантјаго Бернабе“, но пласманот во четвт-финалето треба да го потврдат
Во дуелот на двата тима кои имаа 14 титули во својата ризница беше очекувано тврдо, но на крајот победи совршената дефанзива на Ливерпул. Со сиилната шпанска струја во својот тим Англичаните го одбранија и епитетот мајстори за Лигата на шампионите, славеа на „Сантјаго Бернабе“ со 1.0 со голот на Бенајун во 82 минута, по фантастичното нафрлање на Аурелио.
И покрај победата Ливерпул е уште далеку од четвртфиналето, меѓутоа мора да се каже дека „црвените“ во последните четири обиди секогаш успеваа да изборат четвртфинале, додека Реал М. од 2004 не минал осминафинале. Иако, ова се навидум статистички податоци, во двата примера се прилично важни.
Во текот на слабиот натпревар Реал го имаше поседот на топката, но гостите позрелите шанси. Додека Робен, Раул и Игуаин се обидуваа со удари надвор од шеснаесетникот да го совладата Рејна, тоа Торес го правеше од непосредна близина.
Реал М. немаше можност за комбинаторна игра, па Робен се обидуваше со соло продори дури пет пати да постигне гол, но не успеа.
„Логично, многу сме разочарани од резултатот. Големата грешка што ја направивме е практично неможноста да го пробиеме нивниот дефанзивен систем. Тие имаа две дефанзивни линии од по четири фудбалери и тоа беше невозможно да се пробие. Но ова не значи крај. Одиме на „“Енфилд“ со верба дека може да победиме. Тоа е духот кој секогаш го карактеризира Реал М.“, вели Пепе.
Инаку, ова беше 20. гостување на англиските клубови во Мадрид и само втора победа. Но и двете се остварени во блиското минато. Пред Ливерпул на овој стадион победата ја вкуси и Арсенал пред три сезони, исто така со 1:0.
Хуанде Рам��с на позицијата тренер на Реал М дебитираше со пораз кај Барселона 0:2, по што нанижа девет победи, со гол разлика 22:2. Но против Ливерпул серијата застана. „Нашиот план беше да дадеме гол на свој терен и со предност да одиме на реваншот. Тоа беше многу израмнет меч. Ливерпул ја чекаше трпеливо својата шанса и на крајот ни даде гол од прекин. Мислам дека требаше да заврши 0:0. Знаевме дека тоа ќе биде тактички натпревар. Ливерпул се бранеше совршено“, изјави Рамос, кој се обиде да смисли нешто за тактиката на Рафа, но падна на испитот. „Го внесов Гути со обид да го решам тој проблем и да добиеме на игра во длабочина. Но не можевме ништо против таа одбрана. Не знам како ќе биде во Англија. Не знам дали ќе имаме можност со оглед на резултатот да ја развиеме нашата игра. Мора дополнително да го анализирам овој дуел, да ги детектирам проблемите. Во секој случј овој гол не мора да значи ништо. Кога Реал М. игра добро може секого да победи било каде“, додаде Рамос.
Резултати од првите осминафинални мечеви
Челзи - Јуввентус 1:0 (Дрогба 12 мин.)
Реал М. - Ливерпул 0:1 (Бенајун 82 мин)
Спортинг - Баерн 0:5 (Рибери 42 и 63 пенал Клосе 57, Тони 84 и 90)
Вилјареал - Панатинаикос 1:1 (Роси 67 пенал - Карагунис 59 мин)
Бенитез: Останувам во Ливерпул
По победата над Реал М. се врати насмевката на лицето на менаџерот Рафаел Бенитез, за кого деновиве се зборуваше дека е веќе минато за Ливерпул. Во англиските обложувалници имаше и можност за обложување на тоа дали тој ќе остане или ќе си замине, но по огромните уплати дека ќе си оди, уплатата била блокирана.
„Знам се' што се случуваше. Но, тоа се само шпекулации. Јас останувам во Ливерпул. Никогаш не сум ни помислил да го напуштам. Сака да продолжам жестоко да работам со овој тим. Немав проблеми да се сконцентрирам на овој меч“, изјзви Бенитез, кој мина четири сезони во подмладокот на Реал М. во првата половина на седумдесетите, а од 1989 до 1995 година работеше како тренер на младиот тим на „кралевите“.
|