Седум коша на Илиевски, Цибона го покори Истанбул
ТАУ Керамика го декласира Армани Џинс во Милано со 107:74, цибоси го разбија Фенербахче со 86:64
Шпанска ТАУ Керамика го декласира Армани Џинс, во Милано со 107:74 во меч од четвртото коло во топ 16 фазата во Евролигата. Мечот беше решен уште во првата четвртина која и' припадна на Шпанците со 31:16. Во продолжението гостите само ја зголемуваа предноста, а противникот беше немоќен да го запре разорувањето. Владо Илиевски одигра 19 минути за составот од Виторија и постигна седум коша (1/3 за два поена, 5/5 слободни фрлања). Дури шест негови соиграчи забележаа двоцифрен број кошеви. Најмногу меѓу нив Сплитер (19), Ракочевиќ постигна 16, Микеал 15, Мекдоналд 13, Телетовиќ 12, Сан Еметрио 11. Најефикасен во тимот од Милано беше Холис Прајс со 15 коша. Со оваа победа ТАУ Керамика го презеде водство на табелата во групата Г.
Комплетното коло се одигра во групата Х во која Цибона го разби Фенербахче, среде Истанбул, со 86:64 и остана во игра за пласман во четврт-финалето.
Цибоси ја прикажаа една од најдобрите гостински партии во последните неколку сезони во Евролигата и му се реваншираа на турскиот претставник за поразот во Загреб пред седум дена. Уште на стартот Хрватите демонстрираа агресивна игра во одбраната покажувајќи дека не се дојдени на екскурзија во Истанбул. Воведниот период заврши на страната на загрепчани со 28:14 кои на полувреме заминаа со водство од 49:27. Сигурната игра на Цибона продолжи и во третата четвртина во која минусот на Фенербахче нарасна на 25 по што се мина кон рутинско одработување на работата во завршните 10 минути. За Цибона ова е трета победа во последните 21 дуел во евролигашката конкуренција. Давор Кус забележа 19 коша, Андерсон 18, Холман 16, Пркачин беше стрелец на 10. Предводник на Турците беше Огуз Саваз со 13 поени, пет скока и една асистенција. Во вториот меч во оваа група бранителот на титулата, ЦСКА Москва го прегази тимот на Монтепаски со 95:71.
Кошаркарите на Партизан продолжија со серијата добри резултати и практично обезбедија пласман меѓу осумте најдобри екипи во Евролигата. Во трилер завршница „црно-белите“ славеа во Малага над Уникаха со 78:74 по едно продолжение иако имаа минус 11 во еден момент од натпреварот. Клучен играч во мечот беше Лазме со 20 коша и осум скока, Величковиќ и Трипковиќ постигнаа 17. На спротивната страна Ндонг уфрли 14, Кабезас 13, а Арчибалд 12.
По оваа победа белграѓани го резервираа второто место во групата и речиси се сигурни патници во четврт-финалето. Единствено што може да ги спречи е теоријата. За тоа е потребно сензационална победа на Лотоматика над Панатинаикос.
Резултати од 4. коло во топ 16 фазата во Евролигата
Група Е: Армани Џинс Милано - ТАУ Керамика 74:107
Група Г: Уникаха Малага - Партизан 74:78 (по продолженија)
Група Х: Фенербахче - Цибона 64:86, ЦСКА Москва - Монтепаски 95:71. Табела: ЦСКА Москва 7, Цибона 6, Монтепаски 6, Фенербахче 5. |