Томовски е решен да оди докрај за случајот „Васоски“
Во целиот случај има насилничко однесување од ФФМ и од Вардар, обвинува Томовски
Сашко Ѓ. Димовски
„Досега немаме добиено никаква покана за некаков состанок со претставници на Вардар под медијаторство на Фудбалската федерација на Македонија за надминување на проблемот околу случајот Васоски ниту, пак, некој ни' се јавил. А, и да дојде покана за таков состанок ние нема да ја прифатиме. Не се откажуваме од борбата за истерување на вистината. Решени сме да одиме до крај. Во целиот случај има насилничко однесување од ФФМ и Вардар “, порача Драган Томовски, спонзор на Цементарница 55, на вчерашната прес-конференција во Скопје.
„Уцени не прифаќаме. Парите што треба да се платат, треба да се платат. Не може некој да не' уценува дека ќе плати ама на 12 рати во спротивно пари нема. Не се согласивме тоа и како знак на добра волја побаравме долгот на Вардар кон Цементарница да се наплати на пет рати. Очекувам ФФМ да реагира. Федерацијата го направи проблемот иако имаше механизми да го реши пред три години. Но, од необјасниви причини не го стори тоа, непотребно го пролонгираше, па сега нека најде начин да го реши случајот и да го спаси македонскиот фудбал. Голема улога во ова има генералниот секретар на Федерацијата, Никола Костов“, апелира Томовски.
Второлигашот од Кисела Вода, Цементарница 55, и' должи на Фудбалската федерација на Македонија 17.000 евра. Неофицијално дознаваме дека постои подготвеност кај ФФМ да ги „заборави“ тие средства, т.е. тие средства да бидат вкалкулирани во пребивањето меѓу Вардар и Цементарница 55 или барем во дел од него. Таквата можност Томовски ја отфрла во старт.
„За компензација или цесија е потребна согласност од сите страни, во случајот три, ФФМ, Вардар и Цементарница. Ние такво нешто не прифаќаме. Долгот кон ФФМ го имаме како клуб и тоа не е спорно. Благодарност го федерацијата што помогна кога клубот беше пред згаснување. Ние го бараме само она што ни' следува и нема да попуштиме по сите шиканирања што ги доживеавме во изминатиот период“, истакна Томовски, кој дополнително ја опиша ситуацијата меѓу Вардар и Цементарница 55.
„Испаѓа дека сиромашниот клуб треба да му помага на богатиот. Летоска Вардар имаше буџет од 800.000 евра, доби стабилен спонзор, претседател градоначалник кој редовно ги подмирување платите и придонесите на фудбалерите. Што имаме ние. Годишен буџет од 60.000 евра, претседател невработен, клуб во кој фудбалерите играат за 50 или 100 евра за кои имаме долгови од април во 2008 година и не можеме да им платиме ниту автобуски превоз“, коментира Томовски.
Томовски во средата се обидел да поднесе барање до претседателот на ФФМ, Хаџиристески и генералниот секретар Костов. Во него тој бара посебна седница на УО на ФФМ на која ќе се дискутира за проблемот, но во службите му било кажано дека седница на УО нема да има. |