Бизнисмените бараат средба со Гошев
Коморите очекуваат централната банка да ја олабави монетарната политика за да се одблокираат кредитите
Соња Маџовска
Бизнисмените ќе бараат средба со гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев, за да му го соопштат својот став дека е дојдено време да ја олабави затегнатата монетарна политика. Од Сојузот на стопански комори сметаат дека треба да се одблокираат банкарските кредити, за и тие да можат полесно да ги надминат проблемите со неликвидноста и немањето пари за обртни средства.
Бизнисмените сметаат дека целиот товар на кризата падна токму врз нив, а банките, кои покажаа голема резервираност за поддршка на стопанството, само ја продлабочија кризата во реалниот сектор. Од коморите вината за тоа ја гледаат во затегнатата монетарна политика, но и кај Владата, која годинава поради слабото полнење на буџетот, на големо се задолжуваше со огромни камати кај домашните банки.
Главното барање на коморите веќе подолг период е банките конечно да го одблокираат кредитирањето, но и да се отвори простор за намалување на каматните стапки.
„Ќе побараме средба со гувернерот Петар Гошев, за да се олабави монетарната политика. Целиот товар на кризата падна врз стопанството. Банките ги стерилизираа парите, а за тоа не е виновна само НБМ, која неколку пати откако почна кризата ја затегнуваше монетарната политика, а со тоа и условите за кредитирање, туку и Владата, која се задолжуваше на домашниот пазар. Затегнатата монетарна политика резултираше со голема беспарица. На крајот на краиштата, монетарната политика не е библија, треба да се менува. Па, и ако се олабави и ако се покаже дека може да предизвика поголеми проблеми, повторно може да се затегне“, вели Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори. Според него, ова барање членките на ССК треба да го прецизираат на денешниот состанок на Управниот одбор на комората, на кој, пак, се очекува да биде изгласана и нов список на барања до Владата за преземање дополнителни мерки за спас од рецесијата.
Инаку, Чекреџи смета дека кредитната линија од ЕИБ од 100 милиони евра, која требаше да биде компензација за намалената кредитна активност, а бизнисот со душа ја чекаше цело лето, пристигнува, но многу задоцнето. „Кредитите од ЕИБ многу задоцнија. Оваа мерка не им одговара на банките и затоа можеби даваа отпор. Овие кредити се поевтини, за разлика од производите кои тие ги нудат“, смета Чекреџи.
И ставот и на Стопанската комора на Македонија е дека би било добредојдено олабавување на монетарната политика, за да се зголеми кредитната активност, но оттаму сметаат дека, сепа��, за тоа последниот збор треба да го даде Народна банка. „Олабавување на рестриктивната кредитно-монетарна политика посакува секој бизнисмен и граѓанин. Сега има позитивни движења кај девизните резерви и дознаките од странство, но од друга страна има продлабочување на негативните тенденции во производството. Затоа треба да се преиспитаат сите параметри, а за тоа е надлежна НБМ да оцени дали е вистински момент за олабавување“, вели Стојмирка Тасевска од СКМ.
Поради стабилизирањето на девизниот пазар, покрај стопанствениците, и банкарите очекуваат НБМ да ја олабави монетарната политика, со што ќе се отвори простор и за намалување на каматните стапки. Минатата седмица и премиерот Никола Груевски повторно го повика Гошев да размисли за олабавување на монетарната политика.
Овие очекувања на бизнисмените и на банкарите, а и на Владата особено се подгреани по објавувањето на податоците на НБМ за состојбата со девизните резерви, кои, конечно, по драматичниот пад во првите месеци од годинава, во август првпат оствариле збирен пораст, достигнувајќи ниво од 1,5 милијарди евра. Но, од НБМ засега нема најава дека поради стабилизирањето на резервите во наредниот период може да дојде до релаксирање на монетарната политика. Оттаму само објаснуваат дека НБМ ја следи состојбата со монетарната политика. Евентуални мерки за нејзино олабавување ќе бидат преземени кога за тоа ќе оцени Советот на централната банка.
|