Број 3097  вторник, 29 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Интервју

Владата не може да се меша во НБМ

Министерот за економија Фатмир Бесими

НБМ може да одигра значајна улога во испраќањето сигнали за банките и за намалувањето на трошоците во бизнисот

Маја Томиќ


Господине Бесими, откако официјално се објави дека земјата е во рецесија, што ќе преземе Владата ?


Владата континуирано ја следи ситуацијата и е во постојани комуникации со деловната заедница, со нејзините планови и очекувања и презема соодветни мерки. Еден таков конкретен чекор е последниот ребаланс на Буџетот. Вкупните активности на Владата не се базираат на тоа дали формално е прогласена рецесија или не, туку е битно што реално се случува во економијата. Ние сега зборуваме за последните два квартала, а забораваме дека тие веќе се зад нас, поминале и сега сме при крајот на третиот и на почетокот на четвртиот квартал. Се очекува дека бројките од третиот квартал реално ќе ја одразат ситуацијата во нашата економија и оти ќе има мало подобрување во четвртиот квартал.

Првиот услов, што е веќе потврдено во услови на криза, е дека не треба да не' фати паника. Треба да се има доза на оптимизам. Сметам дека наредната година ќе се појават првите знаци на подобрување на економската ситуација. И тоа не само по себе, и не само затоа што Владата презема мерки. Туку поради тоа што економиите секаде во светот веќе почнуваат да заздравуваат. Тоа е глобалната опција сега, верувам дека, наспроти песимистичкото, ќе преовлада оптимистичкото сценарио. Ќе видиме што ќе се случи, но засега доминираат оптимистичките мислења дека најлошото во економијата помина.



Бизнисот повторно бара нови мерки преку директни субвенции за најпогодените гранки, металската, текстилната и чевларската. Дали Владата размислува за нов пакет мерки ?

Ние разговараме постојано со бизнисот, но не може брзо да се реализираат мерките за конкретни гранки. Факт е дека најзасегнати од кризата беа овие три индустрии. Она што Владата оценила дека е неопходно, реагирала. Одржани се повеќе регионални средби со компании, а јас лично посетив многу индустрии, посебно имав средби со претставници од металскиот сектор, каде што има некои барања кои моментно Владата не може да ги исполни. Факт е дека рудниците сега закрепнуваат и нивниот бизнис повторно се враќа на сцена, во металопреработувачката дејност има знаци на подобрување, се зголемуваат нарачките, иако има доза на несигурност колку тоа ќе трае и како ќе се наплати. Се' ќе зависи од тоа како понатаму ќе се движат цените на берзанските производи. Моментно е добро што цените на металите на светските берзи пораснаа.

Ние ги разгледуваме сите опции за поддршка на бизнисот. Сега следува реализацијата на парите од кредитот од Европската инвестициона банка, ЕИБ, за мали и за средни претпријатија, кои зафаќаат значаен сегмент во нашата економија. Над 90 отсто од сите вработени се во овие претпријатија, а тие учествуваат во вкупната надворешна трговија со околу 40 отсто. Владата ќе презема мерки што нема да ги нарушат пазарните принципи и кои ќе бидат финансиски издржливи за државата.



Според информации од некои банки, кредитот од ЕИБ од 100 милиони евра нема да се реализира во целост и до крајот на годинава ќе бидат повлечени само околу 20 милиони евра. Ваш коментар?

Колку средства од ЕИБ ќе се извлечат ќе зависи од тоа колку ефикасно тие ќе се реализираат на терен. Односно, колку фирмите кои ќе аплицираат успешно ќе ги пласираат тие средства. Од тоа ќе зависи и динамиката на траншите од кредитот. Не можеме да ги повлечеме сите средства одеднаш, затоа што за нив се наплатува камата. Само што државата обезбедува поголема гаранција. Ако ова профункционира добро, ефектите ќе се видат. Можеби не веднаш, но сигурно во текот на наредната година.



Измените во Законот за технолошко индустриски зони треба да донесат повеќе странски инвестиции. И покрај досегашните законски поволности, инвеститорите тешко се одлучуваат да дојдат. Зошто ?

Кога станува збор за странските инвестиции повеќе работи се во прашање. Бизнис-климата вклучува: административни процедури, правна рамка, заштита на инвеститорите, даночна политика, политичка клима и меѓународна поставеност на земјата. Она што сега реално го немаме, а што многу влијае врз инвестициите, е членството во НАТО и во ЕУ. Инвестициите се долгорочни одлуки. Не може сега да се инвестира, а по една година да се смени мислењето. Не може да се занемари и фактот дека во динамиката на инвестициите имаше свое влијание и светската криза. Компаниите сега, генерално, прават стратегии каде во наредниот период да ги насочат средствата.

Исти бенефиции како за странските компании бараат и домашните фирми. Зошто Владата на тоа не обрнува внимание?

Домашните компании имаат ист третман како и странските. Правиме напори да го поттикнеме нивниот развој. Реформите се прават за сите. И домашните компании можат да влезат во технолошко-индустриските зони и да инвестираат под исти услови. Но, треба да се каже дека капацитетот на домашното штедење, односно домашниот капитал, генерално, не е доволен за да се постигне посакуваниот раст на економијата. Поради тоа, одиме со политика на привлекување странски инвестиции. Друга работа, со инвестициите од странство не доаѓаат само пари туку и нови технологии, знаења, менаџмент, се зголемува рејтингот на земјата и конкурентноста на домашната економија.



Дали е и Ваша оцена дека економскиот пад, според новиот ребаланс, ќе изнесува 0,6 отсто, како што прогнозира Владата или можеби тој ќе биде повисок?

Тешко е да се каже со голема прецизност колкав ќе биде економскиот пад. Според новиот ребаланс, тој е утврден на 0,6 отсто. Но, реалните факти отстапуваат од проекциите и особено оваа година е тешко да се прогнозира. Може падот ќе биде меѓу 0,5 и еден отсто, се' ќе зависи од тоа како ќе заврши четвртиот квартал. Сепак, јас мислам дека ќе се движиме во тие рамки.



Најавените заштеди со ребалансот од 70 милиони евра, дали се доволна заштеда и дали се оние на вистинското место?

Постојано се дебатира дали сумата од 70 милиони евра заштеди од буџетот е доволна. Факт е дека ребалансот мораше да се случи за да се скусат расходите, моравме да обезбедиме надворешно финансирање на буџетот со еврообврзниците, требаше да се скратат и непродуктивните трошоци. Притоа, нема да има намалување на бројот на вработените според Рамковниот договор, што мислам дека ќе влијае на подобрувањето на државната администрација. Тоа е во согласност и со националната програма за пристапување кон ЕУ.



Како монетарен експерт, како гледате на препораките на Владата Народна банка да ги намали каматите. Како Владата може да влијае на тоа ?

Владата не може да се меша во политиките на НБМ. Таа има автономна власт и води своја политика. Како монетарен експерт можам да коментирам дека НБМ ја следи и треба да ја следи ликвидноста на нашата економија. Тоа што го прави е во насока на стабилизација на буџетот, со цел да се средат пазарните текови. Тука е вклучена и каматната стапка. Не треба да се заг��озат принципите на задржување на стабилноста на денарот и девизниот курс. НБМ за главен приоритет ја има стабилноста на денарот. Што се однесува до НБМ, таа сега може да одигра значајна улога во намалувањето на трошоците во бизнисот. Владата нуди 100 милиони евра помош за фирмите, плус ќе дојдат и 100 милиони евра од банките. Доколку вкупниот кредитен раст лани изнесуваше околу 350 милиони евра, тоа значи дека овие 200 милиони евра значително ќе влијаат врз ликвидноста на фирмите.



До каде се измените во Законот за енергетика. Зошто се крие од јавноста на кои конкретно измени работи Владата ?

Всушност, станува збор за акционен план, за цел сет реформи во закони и во подзаконски акти, а тука е вклучен и Законот за енергетика. Во акциониот план нема детали, а што се однесува до промените во Законот за енергетика, во принцип е кажано дека треба да се обезбеди еднаков третман за сите учесници на пазарот. Тоа го бараат ЕУ и Европската енергетска заедница и ние тоа ќе го запазиме. Се очекува тој да биде готов овие денови и ќе се презентира транспарентно.



На претквалификациониот тендер за ХЕЦ „Бошков мост“ немаше ниту една заинтересирана компанија. Тоа беше еден од повеќето досегашни обиди да се најде инвеститор за овој проект ? Што ќе се прави понатаму?

Сум го кажал ова и порано, ќе го кажам и сега. Треба да имаме тендери кои ќе бидат атрактивни за инвеститорите, а од друга страна да се заштитат интересите на државата. Сепак, генерална констатација е дека овој период беше тежок за инвестиции, вклучувајќи ја и енергетиката. За ХЕЦ „Бошков мост“ и за „Вардарска долина“ ќе разгледаме варијанти како во иднина да ги понудиме на инвеститорите. Сега почнуваме со подготовките за промена на условите за ХЕЦ „Бошков мост“. Мора да направиме дополнителни измени во тендерот и да обезбедиме поголема транспарентност во делот на критериумите. Како што е познато, за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ во тек е тендерската постапка и до 15 октомври ќе видиме каква финансиска понуда ќе добиеме од трите компании кои се во игра, РВЕ (Германија), ЕНЕЛ (Италија) и „Вербунд“ (Австрија). Може да има и само една финансиска понуда и тоа ќе биде законски валидно.


#
Статијата е прочитана 768 пати.

Испрати коментар

Од: јас
Датум: 29.09.2009 11:02:24
Многу сте јаки на зборови!!! А на дела???

Најди! во Утрински
Насловна
Полска и Франција се борат да го ослободат Полански
Ахмети едно зборува во Тирана, друго во Скопје
Мина против соживотот
Зденко
Војна и мир во Владата
Четири ученици од „Коле Неделковски“ затруени со храна
Индустријата во август падна за 10 отсто
Бизнисмените бараат средба со Гошев
Потемкинови села на нашата лексикографија
Рамнотежа на злосторствата
Кризата не настана во Македонија
Жените со месеци чекаат за редовен преглед на дојката