Индустријата во август падна за 10 отсто
По драматичното намалување од 20 отсто во јули, експертите сметаат дека ова е ублажување, но прерано е за оптимизам
Нина Нинеска-Фиданоска
Продолжува да паѓа македонската индустрија. Според најновите податоци на државните статистичари, индустриското производство во август годинава во однос на истиот месец минатата година е пониско за десет проценти, или конкретно за 9,9 отсто.
Факт е дека овој пад на индустријата е понизок од она драматично тонење кое Статистика го регистрираше во јули годинава, кога беше измерено рекордно намалување од близу 20 процента, или прецизно за 19,8 отсто. Но, и покрај ублажувањето на минусите во индустриското производство, непобитен факт е дека август е единаесети месец во кој континуирано продолжуваат негативните показатели во македонската индустрија.
Експертите со кои контактираше „Утрински весник“ сметаат дека падот на индустријата од десет отсто во август во споредба со минусот од 20 процента во јули покажува навистина престанок на влошувањето на состојбите, а се должи, главно на растот на цените на светските берзи на метали, но е премногу рано за оптимизам. Инаку, загрижува и кумулативниот пад на индустриското производство од почетокот на оваа година. Поточно, за месеците јануари-август оваа година во однос на истиот период минатата година, е регистрирано кумулативно намалување на производството за дури 12,8 проценти.
Продолжувањето на црните бројки во индустријата и во август, откако во јули беше забележан досега најстрашниот пад, само покажуваат дека третиот квартал од годинава ќе биде еден од потешките за македонската економија. Имено, ако во првиот квартал од годинава беше регистрирано намалување на БДП за 0,9 отсто, а во вториот за 1,4 отсто, некои познавачи сметаат дека падот во третиот квартал би можел да биде и поголем, па и повисок од владините прогнози за минус на БДП од 1,2 отсто. Имено, властите се надеваа дека најкритичен би бил вториот квартал, а дека веќе во вториот ќе има подобрување и падот ќе се сведе на минус 1,2 отсто, но сега, по најновите бројки, е голем прашалник дали држи овој оптимизам.
Професорот Абдулменаф Беџети од Универзитетот на ЈИЕ вели дека во овој момент не е благодарно да се лицитира со бројки за тоа како ќе се движи македонската економија во третиот квартал. „Во секој случај податокот за август покажува престанување на влошувањето на состојбата, но мора да се води сметка дека еден месец не е доволен период за да се извлечат оптимистички прогнози. Ова е резултат на растот на цените на светските берзи на метали, за разлика од текстилната индустрија, к��де што нема пораст на цените. За тоа како ќе се движи БДП во вториот квартал сега не би сакал да лицитирам со бројки, бидејќи ова не е доволен временски период. Ако и во септември продолжи подобрувањето, тоа ќе се рефлектира и врз БДП“, изјави професорот Беџети.
Ако се гледа кои гранки како се движеле во август годинава во однос на истиот месец лани, се гледа дека е помал падот кај вадењето на руди и камен, но дека се' уште состојбите се многу лоши во металната индустрија, како и дека ситуацијата е драматична кај текстилните компании.
Па, така, кај секторот вадење руди и камен падот е 6,2 отсто, а конкретно делот вадење руди од метал има намалување од само 2,8 отсто. Кај преработувачката индустрија, генерално, има пад од 12,7 проценти. Поединечно, состојбата е многу лоша кај производство на основни метали, каде што падот е за дури 40 отсто или точно 39,2 проценти. Уште поголеми падови има кај производството на машини, електрични машини и апарати. Кај текстилот има пад од 32,3 отсто. Затоа, пак, има раст од 18,1 отсто кај производството на метални производи во металопреработувачката фаза, освен машини и уреди.
Инаку, во јули индустријата најмногу падна, за рекордни 20 отсто, но намалувањето на производството и во јуни беше големо, над 16 проценти. Сериозно намалување на индустријата, за 15,3 отсто имаше и во мај минатата година. Во април падот изнесуваше 7,7 проценти. Всушност, лошиот тренд стартуваше во октомври лани, кога беше регистрирано намалување од 9,9 отсто. Во ноември падот беше нешто поблаг и изнесуваше 2,9 отсто, а во декември 10,1 отсто. Во јануари имаше намалување од дури 16,7 проценти, во февруари 11,3 отсто, во март 4,8 отсто, а во април падот беше 7,7 проценти. |