Колку чини реунификација на Кореја?
Околу три илјади милијарди долари се потребни за евентуално идно спојување на земјата поделена пред шест децении
СЕУЛ - Цената за повторно обединување на двете Кореи, разделени кратко време по Втората светска војна, би изнесувала околу 3.500 илјади, соопшти Федерацијата на корејските индустрии.
Ниту еден од 20-мина економисти анкетирани од Федерацијата не очекува реунификација во наредните пет години, но речиси половина сметаат дека би се случила за десет до дваесет години. Речиси половина, исто така, истакнаа дека најголемата цена поврзана со реунификацијата би била за напорите да се намали јазот во богатството меѓу богатата Јужна Кореја и сиромашната Северна Кореја. „Цената за да се минимизира јазот меѓу Јужна и Северна Кореја во долгорочен период, се очекува да биде поголема од првичната цена на реунификацијата“, истакна Федерацијата во своето соопштение. Јужнокорејците заработуваат во просек околу 19.230 долари годишно, додека Севернокорејците заработиле околу 1.065 долари во 2008 година, покажуваат податоците на јужнокорејското Министерство за обединување.
Загриженоста околу трошоците го натера јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг-Бак да предложи данок за реуинификација во август. „Во краткорочни рамки, шокот за корејската економија ќе биде голем, но во долгорочни рамки, реунификацијата ќе биде позитивна“, покажува анкетата.
Двете Кореи технички се' уште се во војна, бидејќи непријателствата од Корејската војна од 1950 до 1953 година завршија со примирје, а не со мировен договор. (Ројтерс) |