Криза во Белгија
Срцето на Европа пати од хронично несогласување на Фламанците и Валонците
Поделбите што го загрозуваат интегритетот на Белгија, срцето на Европа, имаат ужасни реперкусии врз стабилноста на Унијата и нејзиниот имиџ надвор. А, сепак, како што тврди политичкиот експерт Доминик Моиси, Белгија и ЕУ имаат потреба една од друга за да преживеат.
Во време кога Фламанците и Валонците зборуваат за поставување граници, ако не и ѕидови меѓу нив, додека одредени малцинства се протеруваат од француска територија, каков имиџ покажува Европа во светот? Белгија е заглавена во политичка и во криза на идентитетот, пред се', во морална криза.
Дали е ова уште една епизода од „белгиската сага“, трагикомичен и крајно маргинален исклучок, или е одраз на поопшта и акутна европска криза во која Кралството Белгија е најекстремен израз? Специјалниот статус на Вашингтон има логика во рамките на американскиот федерален систем. Но, дали Брисел може да остане престолнина на Унијата ако престане да биде престолнина на земја-членка на Унијата?
Италијанците велат дека нивната нација, во својата 150-годишна историја, се' уште не успеала да оствари држава што го заслужува името. Во Белгија, дали државата - основана во 1830 година со волја на валонската елита, поддржана од Франција под кралот Луј-Филип - ќе пропадне во обидот да создаде нација, и покрај стабилноста на монархијата, нејзиното колонијално царство и фудбалот?
„Фламанците и Валонците имаат толку заеднички нешта како Ескимите и муслиманите“. Кога ги слушаме фламанските, а во последно време и валонските коментатори кои пренесуваат жолчни коментари на француската телевизија за (не)единството на белгиската нација, не можеме а да не се прашаме што се случи со европскиот идентитет, како и што може уште да се направи за да се спаси Белгија. Белгијците и Ирачаните сега ја споделуваат двосмислената разлика да се докажат подеднакво неспособни да формираат двопартиска влада по многу исцрпувачки месеци. Ситуацијата, секако, е поочајна во Ирак, со оглед на насилството таму, но во однос на националниот идентитет, зарем не е посериозно во Белгија? Ернест Ренан вели дека една нација е дневен референдум. Ако ден по ден референдумот е негативен, тогаш разделувањето станува неизбежно.
Веќе не е време да се преџвакуваат добро познатите каузи на сегашната тешка ситуација. Неодговорната ароганција на едната страна, понижувањето на другата, одмерувањето на супериорноста и инфериорноста меѓу двете заедници, комплексноста на загатката од Брисел, „предавството“ од политичарите кои поради недостиг на доволно чувство за државата не се во можност да ја вратат нацијата „во живот“... Сето тоа е веќе кажано. А ако нејзините жители веќе не се дефинираат како Белгијци, тогаш Белгија е мртва.
Белгиската и европската криза се хранат една со друга во негативна дијалектика што води до спор. Во реалноста, на Европа и' е потребна Белгија исто колку што на Белгија и' е потребна Европа. Дали разочарувачкото ширење на еврото во Белгија, или белгиската внатрешна експлозија ја загрозува Европската унија, а радиоактивната прав од Брисел ја озрачува Европа? После се', создавање на Република Фландрија и на Република Валонија би значело жито за мелење на сепаратистичките воденици Каталонија и Шкотска. (Прес јуроп) |