Населбите го матат договорот
Нетанјаху и Абас о се обидуваат да го надминат спорот со еврекјското населување на палестинска земја
ЕРУСАЛИМ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера го одржаа вториот ден од преговорите во обид да се надмине спорот за еврејските населби, што би можел да ги уништи нивните напори за мир. Нетанјаху прво требаше да се состане со американскиот државен секретар Хилари Клинтон, а Абас да им се приклучи во попладневните часови за трипартитните разговори, на кои исто така ќе присуствува специјалниот пратеник на Вашингтон за Блискиот Исток, Џорџ Мичел.
Двајцата лидери не успеаја на разговорите во вторникот во Египет да најдат компромис за населбите, но Мичел изјави дека двајцата политичари дискутирале за неколку суштински прашања што ги разделуваат двете страни, и додаде дека тие се убедени оти би можеле да постигнат договор за една година. Десетмесечниот мораториум на Израел за изградба на нови населби на Западниот Брег истекува на 30 септември, а Палестинците истакнаа дека ќе се повлечат од разговорите, што се одвиваат со посредство на САД, доколку продолжи изградбата. Мичел изјави по средбите во египетското одморалиште на Црвеното Море, Шарм ел Шеик, дека е уверен оти тие "се движат во вистинска насока".
Статусот на Ерусалим, судбината на палестинските бегалци, границите на идна палестинска држава и безбедносни мерки се главните прашања кои двајцата лидери ќе треба да ги решат за да се обезбеди траен мировен договор. Последната рунда директни разговори започна на почетокот на септември, по прекин од 20 месеци.
Израелските медиуми јавија дека Нетанјаху можеби ќе отпатува за Вашингтон на почетокот на идната недела, а има шпекулации дека американскиот претседател Барак Обама можеби ќе се инволвира во обид да се надмине спорот со населбите. (Ројтерс)
|