Реал гледа кон Барселона, тоа е шансата на Ајакс
Холанѓаните мора да одат на победата против „кралевите“ што веќе обезбедија втора фаза во ЛШ
Двата европски гиганта Ајакс и Реал вечерва на „Амстердам арената“ ќе имаат ново 90-минутно шоу. Деветкратниот европски шампион со доцниот гол на Педро на „Сан Сиро“ против Милан (2:2) си обезбеди втора фаза и релаксирано доаѓа во Амстердам. Но, за таа втора фаза жестока борба му претстои на Ајакс, кој е трет во групата со четири бода, еден помалку од Милан, кој, пак, му гостува на Оксер.
Шпанските медиуми потенцираат дека „кралевите“ со едното око се во Амстердам, а со другото веќе гледаат кон понеделничкото големо дерби со Барселона на „Ноу камп“. Затоа, велат тие, не е исклучена можноста Жозе Мурињо да одмори неколку стандардни првотимци.
Португалецот околу тоа никогаш не дава коментар, па затоа го испрати својот помошник Аитор Каранка. „Најпрво мислиме на нашиот меч со Ајакс. Ќе има промени, но во Реал сите играчи може да одговорат точно во секој момент“.
Кој ќе биде на клупата не се знае, само е познато дека Игуаин и Кедира воопшто не отпатуваа поради повреди. И познато е дека Карим Бензема и Ласан Дијара ќе добијат шанса во првиот состав.
Од друга страна, пак, Мартин Јол добро знае дека мора да извлече нешто против „кралевите“, ако сака да го одржи во живот сонот за останување меѓу европската елита, каде што Ајакс се најде по петгодишна пауза. Негови џокери се Уругваецот Луис Суарез, за кого е заинтересиран Тотенхем, и Мароканецот Ел Хамдауи. Двајцата сезонава имаат постигнато по 12 гола, односно 13.
Како и во оваа група Г, така и во групата Е, еден тим, а тоа е Баерн, веќе има обезбедено пласман. Баварците имаат стопроцентен учинок, 12 бода од четири меча и како и Реал одат во Рим кај Рома без никаков притисок. Од друга страна, пак, на римјаните им гори под нозе. Моментно е на второто место со шест бода, три повеќе од Базел и Клуж, кои ќе се сретнат во Швајцарија.
Луис ван Гал вечерва нема да може да смета на неколку првотимци. На листата на повредени се Робен, Олиќ, Бадштубер, Клосе и Марк ван Бомел. Кај Рома ситуацијата не е сјајна. Управата беше принудена на кревање банковен заем од Уникредит груп во висина од 40 милиони евра за клубот да може да функционира.
„Кориера дело спорт“ пишува дека Рома, меѓу другото, парите ги искористила да им ги исплати заостанатите плати на играчите за јули, август и за септември што се наталожија на 12,2 милиони евра. Во Рома продолжува барањето нов купец. Но, тоа не ја попречува целта. Да се победи Баерн и да се обезбеди пласман во втората фаза.
Група Е
Рома - Баерн
Базел - Клуж
Табела: Баерн 12, Рома 6, Клуж 3, Базел 3
Група Ф
Спартак Москва - Марсеј
Челзи - Жилина
Табела:Челзи 12, Спартак Москва 6, Марсеј 6, Жилина 0
Група Г
Ајакс - Реал
Оксер - Милан
Табела:Реал 10, Милан 5, Ајакс 4, Оксер 3
Група Х
Брага - Арсенал
Партизан - Шахтјор
Табела: Арсенал 9, Шахтјор 9, Брага 6, Партизан 0 |