Ракометарките на Металург за малку од готово вересија
Пораз од 24:21 во реваншот од Купот на ЕХФ, но заврши работа победата од 27:20 во Хевде
Миодраг Мицковиќ
Малку недостигаше големата предност од седум гола што ја имаа ракометарките од првиот меч во третото коло во Купот на ЕХФ против шведскиот Хевде да се стопи во реваншот во Скопје. Неочекувано, можеби поради извесно олабавување по високата победа во гости од 27:20, ракометарките на Металург во Скопје прикажаа многу слаба игра, со многу греши и пропуштени „зицери“, со неискористени три седмерци. Во еден момент, на четири минути до крајот Ховде водеше со пет голови разлика: 18:23, потоа и 19:24, гледачите веќе почнаа да страхуваат за судбината на својот миленик, но, за среќа, кога беше најпотребно Новеска реализира седмерец. Потоа Митрева од контра постигна гол, големата разлика на Ховде беше намалена на 20:24 за да на крајот на семафорот остане резултатот - 21:24, пораз на Металург. Само со три гола разлика победи Ховде чии ракометарки во салата во Автокоманда се претставија во одлично издание и доколку не беше оној нивни навистина неочекуван пораз на домашен терен, се' можеше да се случи во Скопје.
Ракометарките на Металург добро го почнаа мечот, поведоа со 5:3, водеа постојано со два гола разлика (8:6, 9:7), последното водство беше 10:9 и потоа гостинките ја презедоа иницијативата, во еден момент направија серија од три гола и на одмор заминаа со водство од 12:10.
Залудно ракометарките од Автокоманда се обидуваа да го анулираат нивното водство, Ховде знаеше да ја чува предноста од два до три гола разлика, се' до крајот на средбата, кога, како што веќе напишавме имаа дури и пет голови предност. За среќа во тие моменти на двапати брзоплето реагираа, не постигнаа голови од чисти ситуации, за да на крајот сепак, Металург доживеа, што се вели сладок пораз, ако таков го има во спортот со само три гола разлика кој ги одведе во четвртото коло. Но, останува впечатокот дека ова беше една од најслабите игри на Металург во последно време која треба час поскоро да се заборави и на пролет, кога продолжуваат мечевите во Купот на ЕХФ да играат многу подобро за да обезбедат висок пласман во овој, втор по квалитет европски куп.
Металург - Хевде 21:24
Полувреме: 10:12. Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 1.000. Судии: Новиков и Леремитски од Украина. Седмерци: Металург 3/6, Ховде 2/2. Исклучувања: Металург 8 мин., Хевде 4 мин.
Металург: Андреева, Бајрамоска 4, Е. Ѓорѓиевска 3, Лишчевиќ 2, Новеска 5, Гроздановска 2, Митрова 3, Мечевска 2, Младеновска, Д. Ѓорѓиевска, Наковска.
Хевде: Висландер, Карлсон, Кадарио 6, Видел 3, Рос, Ен 1, Ларсон 5, Валтер 3, Аронсон 2, Хендриксон 1.
Од вториот шешир во ждрепката
Кој и да им падне во денешната ждрепка за осминафиналето во Купот на ЕХФ, на ракометарките на Металург нема да им биде ни малку лесно, бидејќи ќе бидат извлечени од вториот шешир. Потенцијалните ривали доаѓаат од првиот, а тие се данските Митјиланд, Есбјерг и Холстебро, потоа поранешниот европски шампион Мар Сагунто од Шпанија, Амстердам од Холандија, поранешниот европски вицепрвак Лада од Русија, Заечар од Србија и норвешки Бјосен, од кого изгубија со 26:20 на септемврискиот квалификациски турнир за Лигата на шампионите во Скопје.
За разлика од Металург, Жито Прилеп ќе биде носител во денешното извлекување на двојките за осминафиналето на Челинџ купот. Можни противници на прилепчанки се Баку од Азербејџан, Серкл Ним од Франција, Арион од Грција, Вигазио од Италија, Хандбал Академија од Холандија, Жувелис од Португалија, Јагодина од Србија и Винтертур од Швајцарија. (Р.Д.) |