Црвенкоска последна на подготовките
Денеска прва прозивка на женската ракометна селекција пред мундијалските квалификации
Организаторот на играта на италијански Салерно, Билјана Црвенкоска, последна ќе им се приклучи на колешките од македонската ракометна репрезентација, кои денеска напладне ќе ја имаат првата прозивка во хотелот „Континентал“ во Скопје. Црвенкоска претстојниот викенд ја очекува првенствен натпревар, па на завршните подготовки за квалификациите за Светското првенство 2011 во Бразил треба да се приклучи следниот понеделник.
Алегра Охоланга од Франција доаѓа денеска или утре, а Јулија Портјанко е веќе во Скопје. Драгана Пецевска, која имаше тешка повреда на ногата за која рехабилитацијата е речиси еден месец, се очекува да дојде денеска, сака да игра, но последниот збор ќе го има лекарот на репрезентацијата.
Од интернационалките на списокот на селекторот Гино Стрезовски се и Ленче Илкова од турски Мурат Паша, како и Драгица Кресоја од француски Хандбал. Преостанатите 15 ракометарки се од домашната лига, и тоа Андреева, Наумоска, Треноска, Наковска, Мечевска, Десподовска, Младеновска, Д. Ѓорѓиевска, Е. Ѓорѓиевска, Бајрамоска, Новеска, Штериова, Папуџиева, Гроздановска и Ацковска.
До заминувањето за Грција на квалификацискиот турнир од 3 до 5 декември во Драма избраничките на Стрезовски ќе одиграат две контролни средби со романска Констанца в сабота навечер и в недела претпладне. Во Драма противници на Македонија ќе и' бидат Швајцарија, Азербејџан и домаќинот Грција, а место во баражот ќе обезбеди само првопласираната селекција во групата. (Р.Д.) |