Фетел пречекан како херој во родниот Хепенхајм
Повеќе од 15.000 луѓе излегоа да го поздрават новиот првак во Формула 1
Себастијан Фетел беше воодушевен од глетката на повеќе од 15.000 фанови, кои и покрај студот со часови го чекаа новиот светски шампион во Формула 1 за да му посакаат добредојде во родниот Хепенхајм. Возачот на Ред бул, кој беше поздравен со извикувањето на неговото име додека се искачуваше на бината, беше одликуван од градоначалникот Герхард Херберт, кој му ја врачи златната книга на градот со само 25.000 жители.
„Додека стоев на бината и ги гледав сите тие луѓе што врескаа и скандираа, тоа ме нокаутира“, изјави 23-годишниот Германец. „Не очекував да видам толку многу луѓе. Тоа ме прави навистина горд како момче од Хепенхајм. Морници ме полазија. Беше подобро и од чувството во Абу Даби, бидејќи таму немаше толку многу луѓе“.
Возачот на Ред бул стана најмладиот Ф1-првак во историјата со своите 23 години и 135 дена кога минатата недела ја освои титулата. Пред него рекордер беше Луис Хамилтон, кој кога стана шампион во 2008 имаше 23 години и 301 ден.
За талентот на Фетел проговори и најуспешниот на сите времиња во овој спорт, седумкратниот светски првак и негов сонародник Михаел Шумахер.
„Му честитав на Себ веднаш по трката, но сакам да ги повторам моите честитки“, вели Шуми на својот веб-страницата. „Неговиот борбен дух во текот на сезоната и начинот на кој ја употреби својата добитна карта во последната трка заслужуваат признание. Му се поклонувам на големиот талент, на истрајноста и на неговиот стил на возење. Пријатели сме долги години и среќен сум за него“.
Со петтата победа годинава Фетел ја освои својата прва шампионска титула, оставајќи го четири бода зад себе Фернандо Алонсо од Ферари. Од друга страна, реактивирајќи се за да вози за Мерцедес сезонава, 41-годишниот Шумахер имаше разочарувачко враќање во Формула 1, завршувајќи само деветти во вкупниот поредок. Двајцата ќе бидат тандем следниот викенд во традиционалната „Трка на шампионите“ што ќе се одржи во Диселдорф.
По својот прв триумф Фетел изјави дека има уште долг пат да изоди за да биде спомнуван на исто рамниште како Шумахер, и покрај неколкуте споредби.
„Тој е легенда, а јас сум на почетокот од кариерата“, изјави Фетел, кој има намера да ја одбрани титулата со својот тим во сезоната 2011.
И сопственикот на Ред бул, Дитрих Матешиц, е уверен во тоа, сметајќи дека неговиот возач ќе биде дури и посилен в година.
„Да, под услов повторно да бидеме во можност да му испорачаме конкурентен болид“, изјави Австриецот во интервјуто за весникот „Франфуртер алгемајне“.
За „Велт ам зонтаг“, пак, Матешиц додава дека планот уште од почетокот бил да креираат ера на доминација во Формула 1 како таа на Шумахер, кој пет титули од своите седум освои во низа од 2000 до 2004 година со Ферари.
„Нема гаранција за тоа, но тоа беше нашиот план од самиот почеток. Сега ќе се обидеме да го исполниме“, порача тој. „Имам кажано порано дека тој ќе биде следната суперѕвезда во Формула 1“.
Австрискиот милијардер очекува Фетел да помине многу години во Ред бул, односно се' додека тимот му го испорачува тоа што му треба.
„Тој ќе вози за Ред бул се' додека му конструираме болид со кој ќе може да победува во трките. Ако не успееме во тоа, тогаш ќе го пуштиме да си оди, дури и ако е под договор“, вели Матешиц. |