Ето одлепи како Зидан
Камерунецот го удри Цесар со гл��ва во гради во поразот на Интер кај Киево со 2:1, судијата не виде
Продолжува постот на италијанскиот фудбалски шампион, Интер. На гостувањето во Верона „нероазурите“ загубија од Киево со 2:1 и веќе четири кола не знаат за победа во Серија А. Сега се шести на табелата со 20 бода, девет помалку од лидерот Милан. Но, мечот на „Бентегоди“ ќе остане забележан по неспортскиот потег на камерунаскиот интернационалец, Самуел Ето. Во 38 минута тој го удри противничкиот дефанзивец, Боштјан Цесар, со глава во гради, идентично како што направи Зидан врз Матераци во финалето на Светското првенство во 2006 година меѓу Франција и Италија. Моментот го видоа сите, само не и главниот судија кој остана нем во ситуацијата. Со оглед дека инцидентот го забележаа и телевизиските камери, а видео-клип веднаш беше осамна на Ју-Тјуб, Ето, кој е најдобар играч на Интер сезонава со 9 гола во првенството и вкупно 17 во сите натпреварувања, за очекување е дека ќе биде казнет по што десеткуваниот со повреди Интер ќе биде дополнително ослабен.
Клубот од Меаца денеска ќе знае дали најдобриот стрелец, Ето, ќе се приклучи во прилично долгата листа отсутни по ударот со глава во градите на Боштјан Цесар. Судискиот колегиум не го санкционираа инцидентот, но Серија А најави дека ќе приложи видео доказ, па Камерунецот може да се соочи со суспензија за неколку меча.
„Тоа може да доведе до тешка казна. Се надевам дека ништо нема да се случи, но реално е тешко да се очекува такво нешто“, коментира интеровиот претседател, Морати.
Позицијата на Бенитез на клупата на Интер не е загрозена и во случај на пораз во утрешниот дуел против Твенте во Лигата на шампионите. Ова го порача самиот Морати иако медиумите веќе шпекулираат дека Шпанецот ќе биде разрешен во случај на пораз во ЛШ од холандскиот претставник.
„Мора да се обидеме да направиме добар резултат што ќе биде од голема важност за нас. Тоа треба да го разберат тренерот и играчите. Уморни или не, во натпреварот мора да се влезе концентрирано, мотивирано и дисциплинирано, во спротивно ќе го немаме посакуваниот резултат“, истакна Морати.
Бенитез отсекогаш имаше тешка задача да ги следи успесите на неговиот претходник, Жозе Мурињо, од минатата сезона во која Интер триумфира во Лигата на шампиони, италијанскиот куп и по петти пат во низа го подигна Скудетото, но серијата повреди и клупската пасивност на трансфер пазарот летото ги нарушија плановите на шпанскиот тренерски стручњак.
Нашиот Горан Пандев беше во стартниот состав на Интер кај Киево и ги одигра сите 90 минути, но не успеа да се запише во листата на стрелци. Во првото полувреме имаше шанса да го стори тоа, но стативата беше сојузник на домашните играчи. Пелисие во 29 и Москардели во 82 реализираа за Киево, Ето во првата минута од судиското продолжение само го ублажи поразот на сино-црните од Милано.
Серија А, 13. коло
Резултати: Киево - Интер 2:1, Парма - Лацио 1:1, Џенова - Јувентус 0:2, Наполи - Болоња 4:1, Бреша - Калјари 1:2, Лече - Сампдорија 2:3, Катанија - Бари 1:0, Чезена - Палермо 1:2, Рома - Удинезе 2:0, Милан - Фиорентина 1:0.
Табела: Милан 29, Лацио 26, Наполи 24, Јувентус 23, Рома 22, Интер 20, Палермо 20, Сампдорија 19, Киево 19, Катанија 17, Удинезе 17, Џенова 17, Фиорентина 15, Парма 15, Калјари 14, Болоња 14, Лече 12, Бреша 11, Чезена 11, Бари 9. |