Нов „Примеко економски билтен“
Вчера излезе од печат новото месечно ексклузивно економско списание „Примеко економски билтен“. Технички и содржински списанието е со врвен квалитет, каква што е и дизајн изработката.
Содржините се одредени во согласност со барањата на домашните економски субјекти, ќе се користат добрите практики и позитивните искуства на слични списанија од развиените пазарни економии. Тргнувајќи од заложбата да се понуди нешто ново на пазарот, покрај традиционалните рубрики содржани во изданијата на постојните консалтинг-куќи во земјава, списанието нуди експертски и квалитетни анализи и предвидувања за економските движења во Македонија и во странство.
Главно, списанието опфаќа дваесетина постојани рубрики за финансиско известување, даноци, финансиски менаџмент, ревизија, економија на јавниот сектор, финансиски пазари и институции, девизно работење, трговско право, макроекономија, статистика и економетрија, работни односи, владин барометар, прашања и одговори на читателите, примери од практиката, сметководствена скрипта, книговодствена скрипта, избрани сценарија од www.primeko-audit.com, корпоративни финансии низ студии на случај и интервјуа.
„Примеко економски билтен“ го издава друштвото за консалтинг „Примеко биз“, а издавачкиот одбор е во состав: проф. д-р Зоран Ивановски, претседател, проф. д-р Мирољуб Шукаров, Крсто Несторов, м-р Сашо Твртковиќ и Саша Грујовски, а главен и одговорен уредник на списанието м-р Бранко Костовски. (Ек.Р.) |