Модерниот „Хипериум“ ги отвори вратите
Бизнис центарот „Хипериум“ започна да работи. Со инвестицијата вредна 17 милиони евра, Хипо Алпе Адрија на домашните и на странските компании им понуди модерен деловен простор направен според европски стандарди. Закупнината изнесува 19 евра за квадрат, без трошоците за одржување. Во „Хипериум“ ќе се сместат осигурителни компании, ревизорска куќа, меѓународна организација и други фирми. Објектот има површина од 16.000 квадратни метри, распоредени на пет ката, а се градеше две години.
Бизнис-центарот го сочинуваат два засебни објекта, поврзани со внатрешна платформа со мостови.
Зградата е целосно дигитализирана и поседува еден од најмодерните и најштедливите системи за греење и ладење, како и модерен безбедносен систем. Целиот објект, изведен во стаклена фасада, ја штеди енергијата, а автоматско е и исклучувањето на светилките по завршувањето на работното време.
„’Хипериум‘ функционира на принципот вклучи се и работи, без потреба од било каква инвестиција на закупецот. Целта ни беше да понудиме нешто ново на пазарот на недвижности во Македонија, направено според европски стандарди“, рече Ѓорѓи Војновиќ, член на Управниот одбор на Хипо Алпе Адрија Лизинг. Тој нагласи дека „Хипериум“ е изграден од македонски градежни компании, што е уште еден придонес за домашната економија во време на светска криза.
Покрај деловниот простор во зградата, на закупците на располагање ќе им биде и опремена конференциска сала, сместена на петтиот кат, поврзана со отворена тераса. Во рамките на објектот ќе функционира и Хипо-павилјонот, кој е засебен дел од центарот и претставува изложбен простор. Ќе има посебен влез и работно време, а првенствено ќе биде наменет за млади уметници.
Во рамките на комплексот има подземни гаражи за околу 200 возила, наменети за вработените, како и надворешен паркинг за посетители. (С.Н.) |