Парите од ММФ паметно да се трошат
Додека парите од СБ се врзани за конкретни проекти, за парите од ММФ не се знае ништо
Александрија Стевковска
Есапот дома и на пазар не е ист, велат умните. Дали ова може да се примени и во случајот со понудена помош од 600 милиони евра економска поддршка од Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, со која се пофали владината делегација од Вашингтон предводена од министерот за финансии, Зоран Ставрески?
Имено, на есенските средби со овие две институции се разговарало за нивна помош на земјава, но се' уште ништо не е прецизирано, барем за делот на кредитот од ММФ. Додека за поддршката од 150 до 200 милиони евра од СБ се знае дека е врзана за конкретни проекти од областа на енергетиката и оти тие пари ќе се трошат во наредните три години, а за 400 милиони евра од ММФ не се знае ниту како ниту за колку време ќе треба да се искористат.
Од Министерството за финансии нагласуваат дека парите од СБ се врзуваат за конкретни проекти, додека за парите од ММФ не се знае точно каков ќе биде моделот на нивно користење, но тоа ќе биде познато во ноември кога мисијата на ММФ доаѓа во Скопје. „Всушност, станува збор за отворен кредит, кој веројатно ќе се користи како што ќе и' одговара на Владата“, велат од Финансии.
Како и да е, ако се реализира она што е најавено како ново задолжување на оваа Влада во висина од околу 600 милиони евра, тоа ќе го крене нивото на надворешно задолжување, кое заклучно со крајот на август годинава достигна ниво од 1,46 милијарди евра, на над две милијарди евра надворешен јавен долг.
За експертите е прашање дали воопшто овие задолжувања ќе се реализираат, а ако тоа се случи, тогаш тие пари треба да бидат искористени умно и продуктивно. Залечувањето на раните на буџетскиот дефицит со овие пари не би бил паметен чекор. „Како прво, во Вашингтон не се договорени 600 милиони евра за Македонија, туку е разговарано дека е можно со толку пари да и' се помогне на македонската економија. Второ, станува збор за пари кои земјава би ги добивала во наредните две-три години, а не се многу. Вообичаено, парите од СБ се врзани за тригодишни конкретни проекти, а за парите од ММФ ништо не се знае, ниту за колку години ќе бидат ниту за што ќе се искористат. Инвестициските проекти од СБ се добредојдени, но со средствата од ММФ треба внимателно да се работи. Тие никако не треба да бидат искористени за тековни трошоци“, потенцира ексминистерот за финансии, Никола Поповски. Според него, најпаметно би било со парите од ММФ да се отплати еврообврзницата, која е со 10 отсто камата, па да имаме долг со камата од 1,3 отсто.
„Ваквата помош од ММФ е новина што почна да се применува од ланската година кога имаше криза. Имено, ММФ досега интервенирал со пари во централните банки, за поддршка на платниот биланс, а не на владите. Лани Фондот, поради кризата, одобри пари за владите врз основа на специјалните права на влечење и ние тие пари ги искористивме. Сега ММФ го проширува тој инструмент од квотите на земјите-членки нагоре, па ние стигнавме до 400 милиони евра. Услов е макроекономската стабилност, која ние ја имаме со години наназад“, додава Поповски.
Аналитичарот Ден Дончев оценува дека е добро што во државава, конечно, ќе влезат пари со поволни каматни стапки. „Сепак, најавата дека дел од тие пари ќе бидат искористени и за буџетска поддршка, покажува дека Владата има сериозен структурален проблем во трошењето, но тоа е и сигнал дека не може во недоглед да се зајмува. Таа ќе успее до 2012 година, до кога трае мандатот на оваа Влада, да го дуплира задолжувањето“, вели Дончев. Според него, инвестирањето во капитални проекти е добро, но за тоа не треба да се зајмуваме од Светска банка.
Експертите оценуваат дека, сепак, станува збор за поевтино задолжување, кое можеби би го супституирале скапото задолжување преку издавање нова еврообврзница. „Тргнувајќи од фактот дека кредитниот рејтинг и состојбата на меѓународните пазари на капитал влијаат на каматната стапка на планираната еврообврзница, која Владата сакаше да ја издаде и на тој начин да обезбеди надворешна акумулација, а таа се' уште не е поволна, сметам дека задолжувањето од меѓународни кредитни институции е поповолно решение. Се разбира, тоа ќе значи и обврска за Македонија да ги исполни условите кои ги бара ваквиот начин на кредитирање. Станува збор за наменско трошење на средствата, буџетска дисциплина“, објаснува професорот на Европскиот универзитет, Зоран Ивановски. Според него, уште по истекот на првиот годинешен квартал, повеќе од јасно било дека Македонија оваа година ќе треба да се задолжи на меѓународниот пазар за дополнителни 150-300 милиони евра. „Потенцирам дека ова задолжување треба да е надворешно, затоа што извлекувањето таква сума по пат на записи на домашниот пазар ќе биде погубна за ресурсите за кредитирање на компаниите и на населението“, додава Ивановски.
|