Да не се користат адитиви во цигарите
Егзистенцијата на тутунарите кои се занимаваат со производство на ориентален тутун ќе биде доведена во прашање доколку се прифати иницијативата на Канада за забрана за користење адитиви кај бленд- цигарите, предупредува Здружението на производители на тутун при Стопанската комора на Македонија. Претседателот на здружението, Кирил Филиповски, вчера на прес-конференција посочи дека прифаќањето на предлогот на Канада ќе значи загрозување на егзистенцијата на околу 35 илјади македонски семејства, кои за занимаваат со производство на ориентален тутун.
„Преку забраната на адитивите и на другите компоненти што се додаваат во бленд-цигарите фактички се забранува и производството на овие цигари. Ако се забранат овие цигари, тогаш нема потреба од производство на ориентални тутуни во Македонија и во балканските држави. Предлогот на Канада е многу дискутабилен и нема аргументи. Канада нема научна аргументација дека со забраната на адитивите ќе се заштити здравјето на населението“, рече Филиповски.
Според него, предлогот на Канада ги засегнува земјите во развој затоа што тие најмногу произведуваат ориентален тутун. (МИА)
|