Руските долгови поголеми од резервите
Долгот на руските банки и компании е 450 милијарди долари, а државните резерви се 407 млрд. долари
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Иако руските банки и компании во првите четири месеци од годинава вратија 33 милијарди долари долг, сепак, нивните кредити на Запад и понатаму се огромни. Финансиските експерти предвидуваат дека претстојната есен ќе биде многу тешка, бидејќи доаѓа нова етапа на враќање на кредити. Краткорочните кредити, кои во текот на годинава мора да ги вратат руските банки и компании, изнесуваат 56,1 милијарда долари. Оние кои се задолжуваа веруваа во прогнозите и во тврдењата дека никогаш повеќе нема да има намалување на цената на нафтата и на гасот, но и дека металот ќе биде поскап. Врз основа на тие прогнози лесно се задолжуваа во странство, а многумина, исто така, лесно и нерационално ги трошеа добиените кредити. Со намалување на цената на металот и на енергенсите во Русија забележително се промени ситуацијата, па должниците многу тешко ги враќаат или воопшто не ги враќаат кредитите.
Централната банка на Русија тврди дека надворешниот долг на банките и на компаниите е намален за 6,8 отсто и сега изнесува 450,8 милијарди долари. Од тоа банките се должни 146,4 милијарди долари. На почетокот на годинава корпоративниот долг изнесуваше 483,5 милијарди долари. Само за споредба, руските девизни резерви на 19 јуни изнесуваа 407 милијарди долари. Минатото лето Русија имаше рекордни девизни резерви од околу 600 милијарди долари и беше на трето место во светот веднаш зад Јапонија и Кина.
Лаиците, па дури и некои „народни политичари“, јавно велат: „Многу ни е гајле за банките и за приватните компании, тој што им ги даваше кредитите нека размислува како сега да ги врати тие пари“. Меѓутоа, тоа, сепак, не е така, бидејќи масовното затворање на банките би предизвикало хаос, дури и колапс на банкарскиот систем. Освен тоа, државата брзо би ги потрошила своите резерви, доколку постојано би се зголемувал бројот на оние кои остануваат без работа. Државната каса може да се полни само ако стопанството добро работи и се плаќаат даноците.
Во времето кога на Запад имаше вишок пари им се одобруваа кредити на руските компании, бидејќи банкарите, исто така, мислеа дека извозниците на скапа нафта, гас, метал и на други суровини лесно можат да ги враќаат кредитите. Освен тоа, западните банки даваа кредити со помали камати отколку руските, па веќе на таа разлика градежниците можеа добро да заработуваат продавајќи скапи станови во Москва и во други поголеми градови во Русија.
Во јануари годинава руските банки им должеа 166,3 милијарди долари на западните банки, а во април тој долг изнесуваше 146,4 милијарди долари. До април руските банки успеаја да вратат 20 милијарди долари. Лесно може да се забележи дека банките побрзо го враќаат својот долг отколку компаниите, а за тоа секако заслуга има државата. На банките им помогна и девалвацијата на рубљата во однос на доларот и на еврото.
Руската влада навистина се обидува да им помогне на банките за да може да функционира банкарскиот систем. Меѓутоа, проблем е тоа што е се' поголем бројот на компаниите кои не можат да им ги враќаат долговите.
Сега руската држава на Запад му е должна 27,6 милијарди долари, што за така голема земја е навистина мала сума. Меѓутоа, надворешниот долг на банките и на компаниите многу ја комплицира економската состојба во Русија. На оние кои даваа кредити многу им е важно да не дојде до банкрот на компаниите, бидејќи тогаш имаат минимални шанси да ги извлечат дадените пари. Од друга страна, пак, државата се обидува да ги спаси огромните компании не затоа што Путин и Медведев ги сакаат олигарсите, туку затоа што се плашат дека би можело нагло да се зголеми бројот на невработени, што би создало тешка социјална и политичка состојба во земјата.
Сега многу руски банкари и бизнисмени внимателно го следат движењето на цените на енергенсите и на другите суровини. Големите должници се надеваат дека би можел да дојде до спасување ако повторно забележително почнат да се зголемуваат цените на нафтата и на гасот. Тогаш и сопствениците на руските компании би можеле полесно да ги враќаат кредитите. |