Втора лицитација за земјиште во Дојран
Министерството за транспорт и врски објави лицитација за продажба на 13,5 хектари градежно земјиште во општина Дојран, кое е наменето за изградба на викенд-куќи, трговија и угостителство. Ова е второ јавно наддавање за парцели што се предвидени со Деталниот урбанистички план на Стар Дојран, во местото ‘’Карач‘’, кое треба да прерасне во модерна туристичка населба.
Минатата година беа огласени за продажба 29 парцели, а годинава 27 локации, од кои 26 се наменети за викенд-куќи, а само една парцела од 1.308 квадратни метри ќе има деловна намена за трговија и угостителство. Изборот на најдобрите понуди ќе биде по пат на јавно електронско наддавање, а ќе се изврши на 27 јули за урбаните модули кои се наменети за изградба на викендици и на 19 август за деловната зона. (МИА) |