Се' уште мал интересот за осигурување на производството
Субвенции за осигурување на посевите досега побарале околу 1.000 земјоделци. Пријавувањето се' е уште во тек, а ќе трае до 31 август. За овој тип поддршка Владата годинава обезбеди 26,6 милиони денари. Со државните пари ќе се покриваат 60 отсто од трошоците за осигурителната полиса.
„Македонија во однос на останатите земји во Европа дава најголема поддршка за осигурување на земјоделството. Сепак, бројката на досега пријавените апликанти, иако поголема во однос на претходните години, е далеку од посакуваното ниво“, изјави вчера министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, на средбата со претставниците на осигурителните компании, Сојузот на земјоделците и Федерацијата на фармери.
Земјоделците ја поздравуваат оваа владина мерка, но сметаат дека цената за осигурување се' уште е висока. Осигурителните компании, пак, имаат спротивен став. Некои дури сметаат и дека осигурувањето треба да стане задолжително.
„Цената не смее да биде пречка за несклучувањето полиси. Доколку осигурувањето чини 1.400 денари за еден хектар пченица, земјоделецот треба да плати само 500 денари“, истакна Трајче Латиновски од „Вардар осигурување.
Недоволната информираност, слабата промоција и немањето навика, смета Латиновски, се основните причини поради кои земјоделците немаат интерес да го осигуруваат производството. Федерацијата на фармери предложи субвенционирањето да се прошири и во сточарството, а освен за основните ризици, гром, пожар и град, поддршка да се дава и за осигурувањето на посевите од дополнителни ризици, пролетен мраз и поплава. Најсигурно е осигуреното производство, порачаа учесниците на средбата во Министерството. (МИА) |