Трет случај на новиот грип
Дијагнозата е потврдена во лабораторијата на РЗЗЗ
Во земјава е регистриран трет случај на пандемиски грип. Потврда за третиот болен е добиена од лабораторијата на македонскиот Институт за јавно здравје (или РЗЗЗ). Анализите на другите шест пациенти се негативни. Третиот заболен од новиот грип, се' уште се лекува на Клиниката за инфективни болести каде што е примен пред неколку дена. Веднаш му била дадена антивирусна терапија и тој е во добра здравствена состојба.
Во текот на вчерашниот ден на Инфективната клиника е примен уште еден нов случај за кој постои сомневање дека е заболен од новиот тип грип. Пациентот е роден и живее во Германија и на Инфективната клиника е примен со покачена телесна температура и општа исцрпеност. Заедно со новиот случај, на Инфективната клиника моментално има згрижено вкупно десет пациенти. Нивната здравствена состојба е стабилна, и според информациите од клиниката покажуваат знаци на закрепнување.
Во меѓувреме, од клиниката на домашно лекување е пуштен еден од двајцата случаи на новиот грип, чија дијагноза беше докажана во лабораторијата во Лондон. Неговото лекување е завршено и тој си заминал дома во добра здравствена состојба. (Ј.Ј.) |