Труењето на вишнарите останува мистерија
ШТИП - Труењето на берачите на вишни останува мистерија. И по извршените бактериолошки анализи, нема одговор на прашањето од што тоа се затруја стотина берачи на вишни на плантажите на делчевската фирма „Рудине“. Храната и водата кои надничари од Струмица, Делчево, Штип, Пробиштип, Радовиш, Кочани и други места од источниот дел на Македонија ги консумирале минатата недела навечер, во мензата на „Рудине“ се амнестирани како можни предизвикувачи на труењето.
„Не најдовме бактерии ниту во храната која таа вечер била служена во мензата ниту во водата која берачите на вишни ја користеле. Од клиничката слика се гледа дека се работи за алиментарна епидемија, односно за храна, која како предизвикувач има многу кратка инкубација. Бидејќи во мострите храна не најдовме бактериска контаминација, сметаме дека епидемијата не е од храната“, изјави вчера прим. д-р Јелица Стојковска од РЗЗЗ во Делчево.
Кујната на „Рудине“ го има ХАСАП-системот и важи за една од најсовремените и хигиенски најчисти простори за приготвување и консумирање храна. Стојковска вели дека во процесот на разговорите со затруените дел од нив тврделе дека покрај храната што ја добиле во мензата, јаделе и храна со печурки. Едни велеле дека во храната имало и печурки, други го негирале тоа. Поради сето ова и поради неискреноста на затруените лица, вистинскиот причинител на труењето не можел да се открие.
Инаку, до вчера сите 12 потешко затруени лица хоспитализирани во штипската Општа болница беа со значително подобрено здравје. Најголем дел од нив се очекува денес и утре да бидат пуштени дома. (И.Б.) |