Рестрикции ги секнаа чешмите во Кавадарци
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Со започнувањето на летниот период во Кавадарци на површина излегува проблемот со водоснабдувањето. Воведени се дневна рестрикција, од 12 до 14 часот, и ноќна рестрикција која почнува од полноќ до 5 часот наутро. Од ЈП „Комуналец“ велат дека недостигот на вода е поради ненаменската потрошувачка.
Комуналните инспектори открија несовесен кавадарчанец, кој изградил систем „капка по капка“ и се поврзал на градскиот водовод за да го наводнува лозовиот насад од 30 декари. Меѓутоа, од локалната самоуправа велат дека тоа не единствен случај. Во тек е голема акција за откривање и санкционирање на несовесните граѓани.
Имало граѓани кои со вода за пиење наводнувале и по неколку декари градини. За нив, како што информираа од локална самоуправа, следуваат ригорозни казни. Веќе се исклучени од водоводниот систем, ќе платат сума за прекумерно потрошена вода, а ќе заработат и соодветна пријава.
Веста за лозарот кој го полевал лозјето со вода од системот „Лукар“ создаде огромен револт меѓу кавадарчани, кои се чудат до каде може да оди човечката глупост и алчност. Пресметките говорат дека за една лоза во текот на годината за наводнување се трошеле 200 литри вода, колку што му е потребно на едно домаќинство, а за 12.000 лози, колку што приближно би имало во 30 декари, ненаменски се троши санитарна вода колку за цела населба.
Од Општина Кавадарци апелираат граѓаните анонимно да пријавуваат за случаи на ненаменско трошење на вода за пиење. Оттаму велат дека не е в ред некој да си игра со чиста планинска вода, која поминува педесетина километри за да дојде до домовите на кавадарчани.
И покрај задоволителната штедрост на изворот „Лукар“, главен проблем за недостаток од вода за пиење, е само несовесното расфрлање со неа, објаснуваат во кавадаречкото комунално претпријатие.
ЈП „Комуналец“, покрај проблемот со водоснабдувањето, има и огромни финансиски проблеми. На последната седница Советот на Општина Кавадарци не го прифати извештајот за работењето во минатата година од причина што состојбата била катастрофална.
Градоначалникот Александар Панов, поради недомаќинско работење го разреши досегашниот директор Јордан Милков и за нов в.д. директор го именува Јован Ристов. |