Охридско Езеро и Врело меѓу 77 финалисти
ОХРИД - Охридско Езеро и пештерата Врело од Македонија се избрани меѓу 77 финалисти на глобалниот избор на новите седум светски чуда на природата. Според пропозициите на изборот, тоа значи дека едната од нив по автоматизам влегува во финале.
Зоран Тунтев од Македонскиот комитет за номинација на Охридско Езеро и пештерата Врело појасни дека независна комисија, предводена од поранешниот генерален секретар на УНЕСКО, Федерико Мајор, ќе треба да избере 28 финалисти меѓу номинираните природни атрактивности.
Инаку, независна експертска комисија изборот на конечните финалисти е предвидено да го соопшти на церемонија, што ќе се одржи во седиштето на иницијативата за избор на седум нови светски чуда на природата на 21 јули во Цирих, точно седум минути по 12 часот според централноевропско време.
„Не можеме да се сомневаме дека комисијата ќе работи објективно и според сите мерила. Охридско Езеро заслужува да влезе во тоа финале“, истакна Тунтев. Тој оцени дека шансите за влез на Охридско Езеро меѓу финалистите се уште поголеми затоа што за време на мандатот на Мајор, Охрид и езерото како природни реткости беа ставени под заштита на УНЕСКО.
Тој го нагласи економскиот аспект и евентуалниот бенефит од влезот на нашите дестинации меѓу финалистите. Тоа ќе биде извонредна прилика цел свет да дознае за природните убавини. (МИА)
|