Седум медали за Миоки во Грција
Џудистите на Миоки пријатно изненадија на четвртиот традиционален меѓународен турнир во грчкиот град Лариса, каде што освоија седум медали. Во конкуренција на 250 натпреварувачи од Грција, Бугарија, Македонија, Албанија, Кипар и Грузија, Миоки се закити со пет сребрени и со два бронзени медала. Сребро освоија Борче Ангелов во категоријата до 45 кг во конкуренција на помлади пионери, потоа Трајче Петровски (50 кг, пионери), Александар Ангелов (40 кг, пионери), Ангела Велковска (63 кг, пионери) и Даниел Ангелов (60 кг, јуниори). Бронза заслужија Мите Манев (66 кг, јуниори) и Дарко Ангелов (55 кг, кадети).
Тренерот Иго Паскоски е задоволен од настапот, но жали што не беше освоен барем еден златен медал. Најблиску до тоа беше Трајче Петровски, кој по три ефектни победи со ипон (десет поени) во финалето загуби од Грузиец на истекот од времето предвидено за борба.
Како награда за добриот настап, претседателот на Џудо федерацијата на Грција го покани Миоки да учествува и на турнирот во Катерини на 27 март. (Р.Д.) |