Стартот во Бахреин клучен за Батон
Првакот свесен дека осумпати во минатата деценија титулата ја освоил победникот во првата трка
Џенсон Батон веќе си ја одреди својата прва цел за годинава, уверен дека евентуална победа во трката во Бахреин со која ќе биде отворена сезоната ќе го стави во добра положба за преостанатиот дел од шампионатот. И во право е. Осум пати во минатата деценија возачот што победил во првата трка од првенството на крајот ја освоил и титулата. Имајќи го тоа предвид, Батон е решен да ја прокнижи таа стартна победа, иако допрва ќе биде сведок како болидот за 2010 на неговиот тим Мекларен ќе се носи со возилата на неговите ривали.
„Одвај чекам да седнам во новиот болид и да го постигнам најдобриот можен резултат со него, бидејќи во последните неколку години возачот што победил во првата трка на крајот триумфирал и во шампионатот“, изјави тој за „Сан“. „Можете да соберете навистина многу важни поени во првите трки додека другите прават грешки или не се подготвени за секое сценарио. Ни претстои многу работа пред воопшто и да помислиме да седнеме во болидот. Токму тоа ќе го сторам сега за да бидам стопроцентно подготвен кога ќе пристигнеме во Бахреин. Не сакам никакво оправдување“.
Одлуката на Батон да премине од конструкторскиот првак Браун ГП во Мекларен се' уште ги освојува насловните страници, посебно поради стравувањата дека тој би можел да се најде во длабока сенка на новиот тимски колега Луис Хамилтон. Покрај тоа, постои и загриженост дека тимот на Мекларен е изграден околу Хамилтон, што подразбира дека Батон би можел да се најде во ситуација да ја игра улогата на втор возач. Тој, сепак, инсистира дека не би се согласил да му се приклучи на Мекларен ако тимот не му гарантирал рамноправен третман со својот сонародник.
„Немаше да потпишам ако не чувствував дека ќе добијам еднаков однос кон мене како тој на тимот кон Хамилтон“, вели тој. „Чувствувам дека тоа го имам сто проценти, што е извонредно. Кога ќе освоите титула, не очекувате да преминете во екипа во која ќе бидете број 2 и нема да добиете иста опрема. Спорд тоа, многу сум среќен од начинот на кој се одвиваат работите. Ќе поминам извесно време со Хамилтон во наредните денови. Се надевам дека ќе поразговараме кој правец ќе го фатиме, бидејќи за тоа ќе биде потребен голем тимски напор и ние навистина ќе треба да повлечеме заедно. Луис го знае тоа“.
Но, неговиот тимски колега нема да биде единствената пречка за Батон на патот до втората шампионска титула едноподруго, со оглед на тоа дека Ферари и Ред бул исто така „пукаат“ на титулата. Тука е и Мерцедес ГП, на кој исто така мора да се смета. Поранешниот тим на Батон, сега со нов сопственик, го доведе седумкратниот светски првак Михаел Шумахер како замена за Британецот.
„Ако Рос не донесеше свој возач, мислам дека сите во екипата ќе беа разочарани“, смета Батон. „Треба да му се честита што го врати Михаел. Шумахер постигна повеќе од кој и да е друг возач во Формула 1, па да се има него во спортот додека се тркаме за титулата ќе биде одлично. Михаел ќе биде навистина тежок натпреварувач, но нему нема да му оди баш се' како што посакува. Никому од нас нема да му биде така. Ова ќе биде епска Ф1-сезона со толку многу компетитивни тимови и возачи. Дали ќе ја зачувам титулата? Тоа е целта“. |