Поп Ацев на маратонот во Росарио
Евгениј Поп Ацев ќе биде единствениот македонски претставник на пливачкиот маратон во Росарио, Аргентина, кој ќе се одржи в недела и со кој ќе биде отворена годинашната Гран-при серија на ФИНА. Првиот од предвидените десет маратони е со награден фонд од 10.000 американски долари, должината е вкупно 15 км, при што се плива во триаголник со должина од 1,8 км спроти плажата „Рамбла Каталуња“ во Росарио.
Во минатата сезона Поп Ацев освои четири бода, сите на Охридски маратон, каде што го освои десеттото место. Најдобро пласиран македонски пливач во ланската Гран-при серија беше Томи Стефановски, кој заврши петти во вкупниот поредок.
Росарио е првиот од трите маратони едноподруго во Аргентина. Вториот е на 31 јануари во Санта Фе и на 7 февруари од Ернандариас до Парана. (Р.Д.) |