Мелбурн во шок, Ким Клајстерс нокаутирана
Русинката за само 52 минути во 3. коло од Австрилја опен и' го нанесе најтешкиот пораз на Белгијката (6:0,6:1)
Наум Котевски
Русинката во пад Надја Петрова во третото коло од Австралија опен без грам сентименталност и го нанесе најтешкиот пораз во кариерата на Белгијката во подем Ким Клајстерс.
Речиси сите светски медиуми вчера се обидуваа да добијат објаснување од врвните тениски стручњаци како може една од фаворитките за освојување на турнирот да загуби со неверојатни 0:6, 1:6, и од првичните девет гема да не освои ниту еден. Мечот траеше вкупно 52 минути, а првиот сет само 18!
Во таа насока, нема да биде чудно ако во Белгија се оформи тим од психолошки експерти со задача да ги дешифрира состојбите во главата на Клајстерс. Новите фреквентни бранови кои ја заплиснаа Белгијката се првично тешко објасниви, бидејќи не беше така одамна нејзиното триумфално враќање на тенисот на Ју-Ес опен (се пензионираше поради повредата на грбот во 2005 година). Имено, свежи се сеќавањата на финалната филмска сцена на целтралниот терен во Њујорк, кога во едната рака го држеше пехарот, а во другата преслатката ќеркичка Џада.
Клајстерс, која како што самата вели, поседува цврстина во нозете благодарејќи на нејзиниот татко кој бил фудбалер и гимнастичка флексибилност наследена од нејзината мајка, делуваше како аматер на „партерот“. Направи 26 неизнудени грешки, додека 19. носителка постојано ја торпедираше со прецизни удари по аглите на игралиштето. Вкупно Петрова, која сервираше клинички, оствари 30 поени повеќе од Белгијката (52:22), која во првите седум гема зграпчи само пет.
По првиот сет Клајстерс збунета седна на своето столче, надевајќи се дека кризата ќе мине и ќе се врати резултатски во мечот. Но, Русинката имаше друга идеја. Го освои првиот гем, а потоа и даде на Клајстерс само два поена на нејзин сервис. И тука почна да се гледа грозниот крај за Белгијката, чија првична порака до душегрижниците беше дека Петрова не се сретнала со „вистинската Ким“.
„Таа беше добра, но, знаете, јас ја пуштив. Јас ги направив сите грешки и таа не мораше многу да се труди. Сервираше навистина добро и беше агресивна колку што треба, но повторно ќе кажам затоа што јас и дозволив ��а игра како што таа посакува“, кажа Клајстерс, која го призна својот психомотерен немир за време на краткиот меч: „Меѓу поените потскокнував. Се обидував да сменам нешто во мојата глава. Меѓутоа, тоа не одеше денеска. Ова е сигурно нешто што сакате што побргу да го заборавите и да се вратите дома, да седнете во својата дневна соба и да одморите неколку дена. Потоа да почнете да работите и да се обидете да заборавите“, вели скршената Ким, која е презадоволна од подготовките за настапот во Австралија.
„Мислам дека добро се подготвувавме со мојот тренер, со екипата за физичка кондиција, се' одеше според планот“, додаде Белгијката.
Според сето она што го направи во својот драматичен живот би требало да и веруваме. На почетокот на минатата година Клајстерс(последната тенисерка со рекордна победа од 6:0, 6:0, остварена 2007 година токму во Мелбурн парк над Русинката, Василиса Бардина) го загуби својот татко, кој почина од рак. Многумина мислеа дека тоа ќе биде тешка пречка на патеката на нејзиното враќање во иднината.
„Тешко е кога ќе загубите некој така близок, но животот оди натаму“, кажа во таа прилика Клајстерс и продолжи напорно да тренира. Се врати на теренот и оствари девет едноподруго победи на Гренд- слем турнирите. Серијата ја прекина Петрова со првата победа во меѓусебните дуели на овие две тенисерки, по четири порази. Но и по овој болен пораз Ким, која сигурно нема да и го пушти овој дебакл на дивиди на ќеркичката Џада(како што и го пушти во дневната соба што ја спомена финалето од Ју-Ес опен), собра сили и им порача на конкурентките: „Нема да дозволам еден ваков црн ден да ја урне сета моја волја. Ќе ме видете наскоро во познатото светло“.
Покрај Клајстерс од турнирот испаднаа уште две носителки. Ден по елиминацијата на Ана Ивановиќ и втората Србинка Јелена Јанковиќ (8 носителка) мораше да се помири со фактот дека во моментов Алона Бондаренко (37) е многу подобра. Немаше Јанковиќ одговор за агресивноста на Бондаренко, која славеше убедливо со 6:2, 6:3. Дома замина и Французинката Марион Бартоли (11), која беше финалист на Вимблдон 2007. Подобра од неа беше Кинеската Ји Женг. Последниот сет таа го доби со 6:0.
На машкиот дел од турнирот доста убедливо изгледа Енди Мареј. На Британецот му беа потребни само час и 42 минути игра за да го совлада Французинот Флорен Сера (7:5, 6:1, 6:4). Рафаел Надал загуби сет во дуелот со Колшрајбер, но тоа не го заматува впечатокот дека Шпанецот на овој турнир е оној стариот, односно дека мисли повеќе, или само на поените, а не и на своите нозе.
Резултати 3. коло: Мареј - Сера (7:5, 6:1, 6:4), Родик - Ф. Лопез (6:7, 6:4, 6:4, 7:6), Дел Потро - Маер (6:3, 0:6, 6:4, 7:5), Иснер - Монфилс (6:1, 4:6, 7:6, 7:6), Гонзалес - Королев 6:7, 6:3, 1:6, 6:3, 6:4), Чилиќ - Вавринка (4:6, 6:4, 6:3, 6:3), Надал - Колшрајбер (6:4, 6:2, 2:6, 7:5), Карловиќ - Љубичиќ (6:3, 3:6, 6:3, 7:6).
Енан - Клејбанова (3:6, 6:4, 6:2), А.Бондаренко - Јанковиќ (6:2, 6:3), Викмаер - Ерани (6:1, 6:7, 6:3), Кириленко - Винчи (7:5, 7:6), Сафина - Балтача (6:1, 6:2), Петрова - Клајстерс (6:0, 6:1), Женг - Бартоли (5:7, 6:3, 6:0). |