Исланд се посрамоти против Австрија
Скандинавците имаа 37:34 против домаќинот на ЕП, но во последната минута примија три гола и загубија бод
Домаќинот Австрија го приреди најголемото изненадување во третиот натпреварувачки ден на Европското првенство во ракомет, играјќи нерешено 37:37 со олимпискиот вицешампион Исланд во второто коло од групата Б во Линц. Фаворизираните Исланѓани, кои во квалификациите за еврошампионатот беа во група со Македонија, во последната минута влегоа со водство од 37:34, но за 57 секунди примија три гола и загубија планиран бод во битката за вториот круг. Шлингер, Вилчински и Вагезрајтер, кој својот единствен погодок на средбата го постигна од својата половина на само четири секунди до крајот, и' донесоа неопишливо славење на шестилјадната публика во „Типс арена“.
„Тоа што се случи на теренот во последните две минути беше вистинско лудило. Никогаш во кариерата не сум доживеал такво нешто“, беше пресреќен по мечот Конрад Вилчински.
„Не знам што се случува. Можеби некој вид колективен колапс? Одбраната повторно потфрли - не би смееле да примиме 37 гола од никого“, коментира исландскиот селектор Гудмундур Гудмундсон.
Неочекуваното реми уште повеќе ја искомплицира ситуацијата во групата, во која Данска со победата над Србија од 28:25 си го обезбеди пробивот во втората фаза. Бранителот на титулата во последното коло вечерва ќе игра со Исланд, кој има два бода, а во мечот што ќе му претходи на скандинавското дерби Австрија и Србија, кои имаат по еден бод, меѓусебе ќе решаваат кој ќе го заврши ЕП уште по првиот круг.
Хрватска виде доста мака пред да го скрши отпорот на Украина, совладувајќи ја со 28:25 во второто коло од групата А во Грац. Украинците цели 50 минути му се закануваа на светскиот и европски вицешампион, првото полувреме го добија со 14:12, а десет минути пред последниот свиреж на шведските судии Канбро и Класон водеа со 23:22. Тогаш на сцена стапија голманот Алиловиќ и заштитниот знак на „коцкестите“, одбраната 3-2-1, па на две минути до крајот веќе беше 27:23 за нив и тука победникот беше решен.
Норвешка, која исто така од нашата квалификациска група избори учество на ова ЕП, се врати во игра за вториот круг со победата од 28:24 над Русија. И Русите, како и Украинците, беа рамноправни 50 минути, но по 22:22 им дозволија на Норвежаните серија од шест гола без одговор и тука заврши приказната околу победникот.
Резултати од второто коло
Група А: Хрватска - Украина 28:25, Норвешка - Русија 28:24. Табела: Хрватска 4, Норвешка 2, Русија 2 и Украина 0.
Група Б: Австрија - Исланд 37:37, Србија - Данска 23:28. Табела: Данска 4, Исланд 2, Австрија 1 и Србија 1.
Денеска на ЕП
Група А: Хрватска - Русија (18,10 ч.), Норвешка - Украина (20,10 ч.).
Група Б: Австрија - Србија (18 ч.), Данска - Исланд (20,15 ч.). |