Србија ја „растури“ Куба
Денот на изненадувања на СП во Италија го дополни и Чешка која ги шокира Американците
Три изненадувања донесоа воведните мечеви во втората фаза на машко светско првенство во одбојка во Италија. Во нив предничат досега одличните Кубанци кои едноставно се „распаднаа“ против Србија во Х конкуренцијата. Добро го одиграа само првиот сет, а нашиот северен сосед во целост го искористи тоа и оствари многу важна победа со 3:1 (по сетови: 16:25, 25:19, 25:22, 25:19) со која ја отворија вратата кон третата мундијалска рунда, но и полесна рута до полуфиналето. Практично со еден натпревар ја избришаа лошата слика од пресметките во Трст.
Второто изненадување беше во продукција на Чешка чии одбојкари ги шокираа Американците со 3:0 (25:19, 25:22, 25:22). Додуша олимписките прваци не брилираа и досега, а Чесите ја добија Бугарија и ја намачија Франција, но така лесна победа на Европејците претставува сензација што на Чешка и дава шанси да се бори и за првото место во Л групата.
Изненадување креираа и Аргентинците против Франција (3:1 по сетови: 16:25, 25:17, 25:23, 25:21). Воведниот сет не личеше на ништо и изгледаше дека триколорите ќе се „прошетаат“ во групата. Меѓутоа „гаучосите“ возвратија со иста мерка и израмнија, за потоа со неверојатна серија во финишот и да поведат со 2:1. Токму тој п��риод беше пресвртница во натпреварот. Во четвртиот сет Јужноамериканците мирно го контролираа резултатот и осигураа заслужена победа.
Во останатите дуели немаше изненадувања. Русија лесно излезе на крај со Египет, Германија со Порторико, додека Бразил, можеби малку и полесно одошто се очекуваше, триумфира над европскиот шампион, Полска.
Резултати од воведните мечеви во втората фаза на Светското одбојкарско првенство за мажи во Италија
Група Г: Порторико - Германија 0:3 (22:25, 22:25, 18:25)
Група Х: Куба - Србија 1:3 (25:16, 19:25, 22:25, 19:25)
Група И: Русија - Египет 3:0 (25:21, 25:17, 25:18)
Група Л: САД - Чешка 0:3 (19:25, 22:25, 22:25)
Група М: Франција - Аргентина 1:3 (25:16, 17:25, 23:25, 21:25)
Група Н: Полска - Бразил 0:3 (16:25, 20:25, 20:25) |