02.01.2012, 18:44 Биографија: Од секретар на АСНОМ до претседател на Македонија

Киро Глигоров, е роден како Панчев на 3 мај во 1917 година во Штип. Потекнува од средно имотно семејство.
Киро Глигоров, е роден како Панчев на 3 мај во 1917 година во Штип. Потекнува од средно имотно семејство. Неговиот татко бил занаетчија, а неговата мајка домаќинка. На седумгодишн�� возраст кога тргнал во српско училиште, тогашниот директор му го сменил презимето во Глигоровиќ, кое го носел до 1941 година. Во 1928 година се запишал во тогашната прогимназија во Штип, која ја завршил во 1932 година, каде некое време работел како библиотекар, по што заминува во Скопје и го продолжува своето образование. Во јули 1939 година дипломира на Правниот факултет во Белград. Откако ги завршил студиите, кратко време бил приправник во една адвокатска канцеларија во Белград, а во април 1941 година се враќа во Скопје. Тука, на почетокот работи како правник во „Вардарска банка“, а потоа отвора и своја адвокатска канцеларија.
Во Народноослободителното движење се вклучува откако излегува од притвор бидејќи е уапсен под сомнение дека е комунист. Во есента 1943 година, Глигоров станува член на Антифашистичкиот народноослободителен комитет, формиран на иницијатива на Комунистичката партија на Југославија. Следната година станува секретар на Иницијативниот одбор за основање на Антифашистичкото Собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). На првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчињски, Глигоров е избран за член на АВНОЈ. На второто заседание на АСНОМ одржано од 28 до 31 декември 1944 година во Скопје, тој бил избран за член на Претседателството на АСНОМ и повереник за финансии во претседателството на АСНОМ.
Во времето на Социјалистичка Југославија, Глигоров бил на повеќе важни политички и економски функции во СФРЈ и ФНРЈ. Во периодот од 1945 до 1947 година бил помошник на Митар Бакиќ, генералниот секретар на Владата на ФНРЈ. Потоа, од 1947 до 1948 година работел во Министерството за финансии на ФНРЈ, а во 1948 година станува министер за финансии и таа функција ја извршува до 1952 година. Следните две години бил помошник на Борис Кидрич, претседателот на Економскиот совет на Владата на ФНРЈ. Во 1962 година е избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија, а од тогаш се до 1967 година бил и сојузен секретар за финансии. Бил и член на Претседателството на СФРЈ, член на Претседателството на ЦК СКЈ, а од 1974-1978 година бил и претседател на Сојузното Собрание на СФРЈ. Се пензионирал во 1987 година, а две години подоцна се вклучува во тимот за реформи на Анте Марковиќ, тогашниот претседател на Сојузниот извршен совет.
Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв Претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандати во периодот од 1991-1999 година.
За претседател на државата е избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието, а по втор пат на 19 ноември 1994 година на претседателски избори. Функцијата претседател ја врши до 19 ноември 1999 година. По првите немири во СФРЈ, Глигоров со генералот Благоја Аџиќ договори мирно повлекување на единиците на Југословенската народна армија од Македонија.
Во текот на своите два мандати ја промовира политиката на „еквидистанца“ кон сите соседи. За време на неговиот мандат се случија некои од најважните настани од современата историја на Македонија: референдумот кој се одржа на 8 септември 1991 година, кога беше прогласена независноста на земјата. Потоа, на 17 ноември 1991 година е донесен новиот Устав на земјата, а на 8 април 1993 година Македонија стана 181 членка на Обединетите нации. Македонската јавност беше запрепастена кога во октомври 1995 година врз Глигоров беше извршен неуспешен атентат.
Во 2005 година, Глигоров стана прв носител на „Орден на Република Македонија“.
По пензионирањето од активниот политички живот, поранешниот претседател Глигоров е активен преку Фондацијата која го носи неговото име и е автор на повеќе книги. Киро Глигоров беше оженет со Нада Глигорова, со која го има синот Владимир Глигоров, член на Виенскиот институт, и ќерките Донка и Лилјана.
|