Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Политика
02.01.2012, 18:39

Штип со гордост го памети својот сограѓанин

За штипјани Киро Глигоров е најважна историска личност родена во нивниот град

Иван Бојаџиски



Штип – Веста за смртта на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија, во неговиот роден Штип (роден е во Стар Конак) е дочекана со тага и со голема почит кон неговото животно дело. Од политичкото раководство на градот не можевме да добиеме изјави во однос на заминувањето на најзначајната историска личност родена во градот под Исарот, бидејќи денот беше празничен и никој од општинските раководители не се јавуваа на нашите телефонски повици. Но, затоа, пак, низ продавниците, во угостителските објекти и по улиците кои се капеа во зимското сонце смртта на Глигоров беше единствена тема на разговор.

Трајчо Спасов, кој во периодот од 1991 до крајот на 1996 година беше претседател на Општина Штип и кој имаше чести контакти со претседателот Глигоров, вели дека животната сцена ја напуштила една импресивна личност чии заслуги во однос на освојувањето на нашата независност без да падне капка крв е непроценлива.

„Претседателот Глигоров многу го почитуваше својот роден град. Со него контактирав најмалку еднаш месечно. Контактите почесто беа по мое барање, но неретко и тој самиот знаеше да ме побара и да праша како стојат работите во неговиот роден град. Често доаѓаше во Штип и секогаш бараше да се сретне со политичкото раководство и со бизнис-заедницата. Предмет на негов најголем интерес беше како се движи штипското стопанство, но и прашањето како од урбан аспект напредува градот. Откако ќе ги завршеше разговорите, ќе побараше да прошетаме до излетничкото место Суитлак. Притоа, не сакаше никакво обезбедување, па со сите штипјани кои ќе попатно ќе ги сретнеше се ракуваше, ги прашуваше за здравје, а најмногу за тоа од кое семејство потекнуваат. Неговата меморија во однос на познавањето на старите штипски семејства ги восхитуваше сите. За некои штипски семејства знаеше повеќе и од нивните помлади поколенија кои ќе го застанеа за да се поздрават со него“, вели Спасов.

Кон средината на деведесеттите години на минатиот век Штип го погоди вистинска катаклизма. Силен ветер и поројни дождови му нанесоа големи штети на градот, на стопанството. Сепак, најголема трагедија го погоди едно младо семејство кога од удар на гром под бетонска плоча загинаа млади сопружници и нивното двегодишно дете. Спасов вели дека наредниот ден Глигоров дошол во Штип со група министри, па со одлуките кои ургентно ги донела тогашната Влада на Црвенковски помогнал да се залечат големите рани. „Сепак, највпечатлив беше неговиот однос кон семејството на настраданиот млад брачен пар. Ова семејство живееше во мошне лоши услови, а на интервенција на Глигоров тие веднаш добија двособен стан. Со тоа нашиот претседател само ја покажа својата човечка големина“, вели Трајче Спасов.

Исклучително голема почест од своите сограѓани претседател доби во 1995 година. Тогаш Брегалница играше во Првата фудбалска лига, а со помош на градот беше реновирана соблекувалната. „Ми се јави Глигоров и рече дека сака да дојде во Штип и да ја гледа средбата со Југохром. Кога се појави во скромната ложа, цел стадион стана на нозе и пет минути го скандираше неговото име“, вели Спасов.

Киро Глигоров често доаѓаше и на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Стојан Троицки, долгогодишен директор на овој фестивал, вели дека и на свое, но и по барање на претседателот тој почесто одел во неговиот кабинет. „Разговаравме за фестивалот, за неговиот профил, а најмногу за финансиските средства. Тој многу помогна зад ’Макфест‘ да застане така угледна компанија каква што е ’Фершпед‘. Тоа ни овозможи фестивалот да стане интернационален. Како фестивал учествувавме на ’Славјански базар‘, фестивал на забавна музика од словенските држави. Тогаш имаше договор претседателите на сите држави-учеснички да испратат своја порака до фестивалот. Некои претседатели не ја исполнуваа оваа своја обврска, само Глигоров секоја година ја испраќаше својата порака за што добиваше силен аплауз“, вели Троицки.

Како посебно интересна Троицки ја издвојува случката со Игор Џамбазов. „Џамбазов освои втора награда и само што ја прими, срипа од сцената и наградата му ја предаде на претседателот Глигоров, заблагодарувајќи му се на неговото дело за Македонија. Цела сала стана и со долги овации ги награди двајцата актери на овој преубав настан“, се сеќава Троицки.

И Миланчо Манев, штипски рекордер во крводарување, има убави спомени од неколкуте средби со Глигоров. „Освен што беше голем политичар, тој беше и голем човек. При една средба, тој ме запрепасти со своето знаење за мојата крводарителна активност. ’Нам ни требаат такви, хумани луѓе. Во тоа име сакам да ти го искажам своето восхитување‘, ми рече претседателот, цврсто стегајќи ми ја раката“, вели Манев.


Статијата е прочитана 862 пати.

Испрати коментар



Аманетот на Претседателот
Денес Ден на жалост
Сочувство од Иванов и Груевски
Биографија: Од секретар на АСНОМ до претседател на Македонија
Сочувство на Ахмети до семејството
Наскоро восочна фигура на Глигоров
Ги постави темелите за правната победа во Хаг
Црвенковски
Атентат што ја измени Македонија
Загуба за целиот регион
До Претседателот Глигоров
Почина Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија



„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

 

 


Site Meter


Најчитани текстови во 2011

1. Се запали Александар Палас - емирот во „магла"
2. Тргањето на Александар сега е тешко
3. Кај Велешко се бараат 220 тони злато
4. Македонец ја открил Америка со Колумбо
5. Бранко и Али бегаат од тигарот

Најнови вести
Време
Скопје, 4°C

Облачно

Понеделник
Магла
Макс: 1°C, Мин: -5°C

Вторник
Магла
Макс: 0°C, Мин: -7°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |