Стил
Карираните здолништа атракција во Скопје
Деновиве фудбалот е главна тема на разговор, а Шкотланѓаните како непосреден и забавен народ
Облечени во традиционалните и препознатливи килтови и дресови, расположени и распеани, Шкотланѓаните го преплавија Скопје. Кафулињата на кејот, особено ирскиот паб, и улицата „Македонија“ се преполни од пријателски расположените навивачи кои се подготвуваат за денешниот фудбалски натпревар меѓу Македонија и Шкотска на Градскиот стадион, каде што се очекуваат околу 4.000 шкотски навивачи.
Деновиве фудбалот е главна тема на разговор, а Шкотланѓаните како непосреден и забавен народ се атракција по улиците во центарот на Скопје. Неуморни од вечерните забави, продолжуваат и преку ден да се подготвуваат за утрешниот натпревар, разладувајќи се со ладно пиво. Шкотските навивачи си набавија сувенири од Македонија, се опремија со шалови, дресови, беџови и некои други предмети за спомен од Македонија. Угостителите во рестораните и кафулињата се трудат да им угодат на гостите со добра услуга, шкотска музика и точено скопско пиво, кое може да се види во раката на речиси секој Шкотланѓанец.
Навивачи на мотори облечени во македонски дресови и шалови парадираат и се забавуваат. Насекаде може да се видат карираните здолништа, популарните килтови, капи со пердуви и волнени чорапи како навивачка облека кои привлекуваат големо внимание. Скопје им се допаѓа многу, исто така и народот што живее во него, единствено им пречи многу топлото време на кое не се навикнати. Оваа шкотска атракција на килтови, гајди, пиво, расположени навивачки лица и вечерните забави во Скопје ќе се задржи уште неколку дена. (В.Д.)
|