Концерт на Боки 13-ка на 17 септември за шокирање на публиката
Она што на прв момент падна в очи беше неговиот стајлинг, кој не остава простор за двоумење дека концертот ќе биде спектакл.
Вчера, во фоајето на хотелот „Александар палас“, контроверзниот шоумен Бојан Јовановски - Боки 13-ка одржа прес-конференција, спектакуларно најавувајќи го својот прв солистички концерт на Градскиот стадион во Скопје за 17 септември, со почеток во 20 часот, кој е во организација на „Томато продукција“.
Видно возбуден и ентузијастички расположен, Боки пристигна во стилот на големите ѕвезди од џет-сетот, со луксузна лимузина.
Она што на прв момент падна в очи беше неговиот стајлинг, кој не остава простор за двоумење дека концертот ќе биде спектакл. Издигнат на потпетици од 18 сантиметри, во жешки панталони и корсет, Боки во придружба на својот тим им се обрати на присутните.
Пресот го отвори Дамјан Дренковски, кој пред се' им се заблагодари на новинарите за медиумската поддршка на настанот, а потоа го истакна списокот на специјалните гости кои ќе бидат дел од големото шоу.
Како сигурни, засега се споменуваат Тања Савиќ, Бранислав Моичевиќ, Радмила Манојловиќ, Милан Станковиќ, Марио Валентиќ, Ана Николиќ, Даниела Враниќ и Биг Мама. Бојан истакна дека во пресрет на концертот планира да го посети Домот за деца без родители „11 Октомври“, како и установата за деца со посебни потреби „Стеван Сремац“.
На сцената, Боки ќе го придружува бендот „Ж’тем“ и танчерска група од дваесет члена, со кои најавува невидени перформанси за добра атмосфера и контакт со публиката.
Концертот ќе биде отворен со темата на Лепа Брена „Боли ме уво за све“, а на репертоарот ќе се најдат и песни од неговиот прв албум, како и бројни хитови од познатите бивши ЈУ-ѕвезди.
Самоуверен во својата единственост, Боки најавува спектакл за кој уште долго ќе се зборува по неговото завршување. Билетите се продаваат по симболична цена од 150 денари, а може да се најдат во „Југотон“, „Розе“ – „Веро 2“ и на плоштадот „Македонија“. (И.С.)
|