„Атињани во акција“ за пристоен град
Граѓаните се грижат за деловите од градот што се заборавени и паднати во сенка на криминал и проституција
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Ако градот не може, граѓаните можат. Граѓанските иницијативи и акции стануваат се' поинтересни за голем дел од граѓаните во Грција. Она што не можат или забораваат да го направат градските власти и политичарите, граѓаните се' почесто се одлучуваат да го направат самите. Мотивот за многумина е едноставно љубовта кон градот, додека кај другите е замореноста од постојаните жалби дека е потребно нешто да се смени, а политичарите ставени на власт за тоа никако не успеваат да го направат.
Во милионската и мултикултурна Атина, особено во период на економска криза кога државата се' помалку има време за „ситните“ работи, граѓаните се' почесто организираат акции за средување на проблемите во градските населби. Особено се става фокус на помрачните делови од градот, кои, иако можеби изгледа природно морале да станат такви поради големината и разновидноста на граѓаните што се во Атина, сепак, сп��ред голем дел од атињаните, не смеат да се заборават. Јанис Зарас, уметник и дел од одборот на граѓанското здружение „Атенистас“, вели дека целта на граѓанските иницијативи во Атина е да им покажат и на политичарите, но и на своите сограѓани дека со повеќе раце може да се направат и многу работи со минимален буџет. Според него, волонтирањето и донирањето по едно или две евра за проектите што ги преземаат повремено значително помагаат за подобрувањето на условите во градот.
„Атенистас“ моментно е едно од најактивните и најгласните граѓански здруженија во Атина, по чиј пример почнаа да работат и здруженија во Солун, Јанина и во Патра. Мотото по кое се раководи „Атенистас“ е „Атињани во акција“ и тоа јасно ја отсликува нивната идеја дека за подобрување на дел од градот се потребни поголема свест и ентузијазам од граѓаните за сами да го решат проблемот. Почнале сосема случајно, на иницијатива на две момчиња, едниот новинар во неделникот и градски информатор „Лајфо“, другиот графички дизајнер, кои едноставно веќе не сакале да молчат за проблемите со кои се соочува градот. Им се придружиле уште десетмина пријатели, кои сега се дел од одборот на здружението, а бројот на формални и неформални членови постојано се зголемува бидејќи акциите што ги преземаат се отворени за сите граѓани.
Досегашните проекти вклучуваат чистење и уредување на просторот околу плоштадот „Омонија“ и железничката станица во Атина со засадување цвеќиња и бојадисување на уличните жардиниери, расчистување на запустени делови во околината на Атина што долго време не можеле да се користат ниту како детски игралишта поради сметот, пошумување и делење донирани растенија за граѓаните за подигнување на еколошката свест, алармирање на несовесните граѓани за паркирање на тротоари и пешачки зони преку лепење стикери. Една од основните цели на ова здружение е симболичното осветлување на мрачните, гетоизирани делови во центарот на Атина околу плоштадот „Омонија“. Во претходните месеци организираа акција и концерт на „Омонија“, со цел да покажат дека и оваа населба е дел од Атина и им припаѓа на атињаните, и покрај тоа што плоштадот е заборавен и сега околу него може да се најдат само илегалните имигранти. кои, како што велат, сигурно не би дошле тука доколку немале проблеми во сопствената држава, но и дилери на дрога, засилен криминал и проституција. Покрај концертот на „Омонија“, преку кој се обидоа да го привлечат вниманието и на градските власти за да се најде решение и да им се помогне на оние што имаат проблеми и се наоѓаат на плоштадот, здружението сака да се најде поефикасен начин за справување со криминалот и трговијата со дрога, но и да се стави крај на предрасудите за мигрантите во Грција, кои танцуваа заедно со атињаните на концертот.
Во една од неговите последни акции се организираше собирање стара облека, ќебиња и јоргани. Според нив, таа беше успешна бидејќи успеаја да соберат 2,5 тони облека и ќебиња што ќе им се поделат на бездомниците и на семејствата што имаат потреба од помош во Атина.
Дејствуваат многу гласно користејќи ја активно својата веб-страница Атенистас.гр за повици за нови акции, постирање фотографии и приказни за Атина сега и во минатото, проблемите што постојат во градот, но испраќаат и постојани известувања преку „Фејсбук“ и „Твитер“ за следните акции и за успехот од претходните.
Покрај „Атеистас“, речиси секоја населба има активни здруженија што организираат неделни дебати и за проблемите со кои се соочуваат, но и за различни општествени теми, како и проекции на филмови и документарци. Активни се и граѓаните од Ексархија, кои при протестите во Атина постојано се мета на солзавец, безредија и судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што се предизвикуваат големи материјални штети во населбата.
Една од најважните акции на жителите на Ексархија е повторното враќање во живот на централниот плоштад околу кој се наоѓаат голем број популарни кафулиња и барови во населбата. Околу 10 години плоштадот во оваа боемска населба, која е дом на анархистите, уметниците, каде што се наоѓа познатиот Политехнички факултет, беше нарекуван дом на изгубените души, а тука, покрај бездомниците, се собираа и голем број дилери на дрога што доведуваше до несакани и насилни пресметки во Ексархија. Атињаните, кои цел живот се во Ексархија, коментираа дека работите никогаш не биле толку лоши и тажни како што беа пред јуни 2010 година.
Анархистичките здруженија правеа напори да се расчисти плоштадот и да се направат шалтери за бездомниците и да им се помогне на зависниците од дрога, но и да се најде начин да се тргнат наркодилерите од населбата. Сепак, како што раскажуваат во Ексархија, пресудно за иднината на плоштадот и за акцијата на граѓаните било кражбата на чанта на една девојка од страна на двајца млади. Имало сведоци, но никој не се осмелил да направи нешто зашто се плашеле од напаѓачите. Тој момент бил пресуден за младите во Ексархија да одлучат дека веќе не сакаат да бидат очевидци на вакви глетки. Веќе следниот ден поставиле неколку маси и столчиња на плоштадот и почнале да се собираат во поголем број, испринтале флаери за да ги информираат луѓето за акцијата за чистење на плоштадот, акција во која буквално се вклучиле сите што живеат или го минуваат времето во Ексархија. „Не можевме, а веќе немаше простор да молчиме и да гледаме како Ексархија од нешто посебно станува грдо гето“, велат од Ексархија. Граѓаните коментираат дека веќе биле заситени од зголеменото присуство на полиција во населбата, а имало нула ефективност од нивна страна, односно состојбата само се влошувала и се зголемувале криминалот и насилството. „Бев фрапирана кога видов дека мали деца играат на плоштадот, други беа на лулашки, по часовите тука тинејџерите седеа слободно.
Веќе шест години живеам во Ексархија и никогаш досега не сум седел на плоштадот, не сум го видел чист споменикот на трите Ероси, трите ангели на љубовта, а не да видам да си играат деца. Сега населбата има сосема поинаква светлина “, коментира 29-годишната Евгенија. Дури и сега граѓаните успеваат да го зачуваат плоштадот за себе, поставуваат маси за пинг-понг, летото беше организирано да се гледаат филмови и Светското првенство во фудбал.
Овие мали активности, сигурно, имаат огромно значење за сите во градот да се чувствуваат поубаво и побезбедно, со надеж дека и оние што имаат поголема власт ќе успеат да им помогнат на оние што имаат потреба од медицинска помош и покрив над главата.
Акциите одат и на поинакво ниво, како што се договорите меѓу граѓаните да не плаќаат патарина и сами да ги креваат рампите во знак на протест поради поскапувањето на цените. Тоа се случува и меѓу граѓаните и возачите во јавниот превоз поради драстичното поскапување на билетите за јавен превоз. |