Хосни Мубарак забрани протести
Во Египет протестите каде што претседателот владее од 1981 година, се невообичаени
КАИРО - Египет забрани улични протести еден ден откако илјадници луѓе се приклучија на „ден на револтот“ против владата на претседателот Хосни Мубарак. Сега сите јавни собири, протести и маршеви се забранети, јавува официјалната новинска агенција на Египет. Секој што ќе се приклучи на неодобрена акција ќе биде приведен и обвинет, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Но, агенции јавија дека на пладне вчера одново почна собирање на централниот плоштад во Каиро.
Гамал Мубарак, 46-годишниот син на египетскиот претседател Хосни Мубарак кој многумина очекуваа да го замени на функцијата, го напуштил завчера Египет заедно со сопругата и ќерката со приватен авион во насока на Лондон, јавија арапскиот канал на Си-Ен-Ен и весникот Ахбар ал Араб кој се печати во САД. Според извори, во авионот биле натоварени 97 куфери и 36 сандаци без да минат на царинска проверка.
Истовремено се појави информација дека управата на меѓународниот аеродром во Каиро објавиле вонредна состојба заради обидот од петокот илегално да се изнесат од државата 59 сандаци со злато и големо количество странска валута. Товарот бил откриен при преглед на багаж во авион кој летал за Амстердам. Не е јасно кој сакал да изнесе во странство толкаво количество злато и пари, објави весникот.
Три лица загинаа за време на националните протести, поттикнати преку веб мрежата, што беа прекинати со солзавец во текот на ноќта. Полицијата, исто така, употреби водени топови кога ги протера демонстрантите од плоштадот „Тахрир“, симболична локација во центарот на Каиро. Демонстрациите беа поттикнати од неодамнешниот бунт во Тунис, и беше дадено ветување дека ќе траат се' додека падне владата. Протести во Египет, каде што претседателот Хосни Мубарак владее од 1981 година, се невообичени и се толерира само мало несогласување.
Во Вашингтон, Белата куќа побара од владата на Египет да дозволи демонстрантите да одржат протести, опишувајќи ја ситуацијата како „важна можност“ за нацијата. Француската министерка за надворешни работи изјави дека жали поради загубата на животи во Египет, но рече дека демократијата треба да биде поттикната во сите земји во светот.
Настаните од вторникот беа координирани на страница на „Фејсбук“, каде што организаторите истакнаа дека започнуваат акција против тортурата, сиромаштијата, корупцијата и невработеноста. Тие рекоа дека собирот ќе го означи „почетокот на крајот“.
Незадоволството на народот главно е фокусирано на претседателот, при што илјадници луѓе во вторникот бараа негова оставка и испишуваа „Долу Мубарак“ на ѕидовите на зградите. Но, околу еден часот по полноќ упадна полицијата, употребувајќи солзавец и протерувајќи ги демонстрантите низ околните улици. Имаше информации дека некои луѓе биле претепани од полицијата. „Се' беше уништено, имаше пукање, водени топови и полицијата трчаше со палки“, изјави еден од последните демонстранти Гиги Ибрахим за Асошиетед прес. Државната телевизија јави дека во судирите загинал еден полицаец.
Неколку илјади луѓе им се приклучија на протестите во северното пристаниште Александрија, при што некои извикуваа: „Револуција, револуција како вулкан, против Мубарак кукавицата“. Двајца демонстранти загинаа во Суез, јавија медицински извори.
Во Вашингтон, Белата куќа соопшти дека египетската влада има „важна можност да одговори на аспирациите на египетскиот народ“. Во соопштението се вели дека Египет треба да следи „политички, економски и социјални реформи, кои можат да го подобрат нивниот живот и да помогнат Египет да просперира“. Египетската влада соопшти дека дозволила демонстрантите „да ги искажат нивните барања и да ја искористат слободата на изразување“. За насилството го обвини забранетото исламско движење Муслиманско братство, истакнувајќи дека приврзаниците „започнале безредија, уништувале јавен имот и фрлале камења врз полициски сили“.
Сепак, дописникот на Би-Би-Си јавува дека лидерот на опозицијата Мохамед ел Барадеј ги повикал жителите на Египет да учествуваат на протестите, додека Муслиманското братство било поколебливо.
Тунискиот претседател Зине ал Абидин Бен Али беше соборен од власт и побегна од земјата на почетокот на месецот, по неколку неделни протести во кои загинаа десетици луѓе. Египет има исти социјални политички проблеми какви што предизвикаа безредија во Тунис - високи цени на храната, голема невработеност и гнев поради официјалната корупција. (Би-Би-Си/МИА)
|