Број 3491  четврток, 27 јануари 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Свет

Обама во битка со иднината

Американскиот претседател најави нов почеток во изградбата на државата во новиот сменет свет

Од нашиот известувач
Љупчо Поповски

Вашингтон – Со повик на кој не му недостигаше драматика, американскиот претседател Барак Обама во своето годишно обраќање до нацијата побара и од Демократите и од Републиканците да му помогнат заедно да ја добијат „битката со иднината“ и да ја изградат новата Америка. Две години по неговиот избор за претседател и по ноемвриските избори соочен со политички непријателски расположен Конгрес, Обама во своето можеби најважно обраќање откако влезе во Белата куќа, најави нов почеток. Тој нов почеток не е само за него како претседател, туку и за самата Америка.

Пред двата дома на Конгресот, каде што сенаторите и конгресмените седеа измешани за да го покажат заедништвото по атентатот врз нивната колешка од Аризона, Габриела Гифордс, Обама сакаше да ја дофати визијата на Џон Кенеди и да се постави над поделените политичари.

Својата идеолошка битка за да го поттикне креативниот дух на Американците, да ја реконпонира улогата на владата, да ги зголеми инвестициите во инфраструктурата и да не го загуби чекорот во натпреварот со другите нации, Обама ја нарече „спутник-момент на оваа генерација“. Споредувајќи ја сегашната ситуација со онаа од 1950-тите кога Советите ја шокираа Америка со лансирањето на „Спутник“ во вселената и ја поттикнаа мобилизацијата на американското општество за невиден технолошки напредок, Обама го претстави планот полн со оптимизам за „победа на иднината“. Главните точки на тој план се образованието, технологијата на чиста енергија, брзите железници и брзиот Интернет, кој ќе биде достапен на секој чекор во Соединетите Држави.

„Времето е сменето, и правилата се сменети, многу Американци се фрустрирани што ги губат своите работни места, што други нации се гордеат со просперитетот. Џон Кенеди велеше ’Иднината не е подарок, туку достигнување‘ и сите заедно треба да ја изградиме подобрата иднина на Америка“, повика Обама пред поделениот Конгрес.

Тој негов повик, според првичните анкети, го одобруваат Американците. Нагласениот оптимизам на Обама за отворање нови работни места и за кратење на големите домашни трошоци на владата го одобруваат над 60 отсто од оние што биле прашани.

Зачудувачки е како се менуваат времињата – во говорот од еден час и една минута, кој речиси целосно беше посветен на економијата, Обама неколку пати ги спомена Кина и Индија и тоа кога зборуваше за домашните предизвици а не надворешно-политичките приоритети. За Обама, Кина и Индија се сили во голем подем, кои во глобализацијата може да ја загрозат неприкосновената позиција на Америка. „Америка мора да биде место за иновации, да ја поттикне креативноста и имагинацијата на нашиот народ, да се ’реоткриеме себеси‘. Мора да ја направиме Америка најдобро место за бизнис во светот“.

Каков е тој план за кој зборуваше Обама и за кого американските медиуми изминатава недела пишуваа како за ниту еден политички настан последниве месеци? Со едно око гледајќи кон изборите во 2012 Обама се обиде да се претстави во она светло со кое победи во 2008 година – не партиски, туку прагматичен лидер. Во таа прагматичност тој најави огромни инвестиции заедно со приватниот сектор во изградба на брзи железници (и тука ја спомена Кина како пример), обнова на застарените патишта и Интернет во секој дом. Но, во исто време, и кратење на буџетскиот дефицит, кој се претвора во ламја и замрзнување на трошењето во некои домашни програми и одбраната. Тој план на кратење во наредните пет години треба да им заштеди на САД 400 милијарди долари во следната декада.

Обама ја спакува својата порака во речиси националистичка фраза за да може да допре до секој Американец и да им го земе оружјето од рака на осоколените Републиканци. „Запаметете, и покрај проблемите со работните места, и покрај кризата што не' удри со сета сила, мерките што ги презедовме во последните две години покажуваат дека Америка е најголемата и најпросперитетната економија во светот. Ниедна земја нема толку успешни компании. Ние сме дом на најдобрите колеџи и универзитети во светот. Ниедни работници во светот не се продуктивни како нашите“. Но, тоа не е доволно. Големите земји мора да бидат постојано иновативни, па Обама најави големи инвестиции во истражувањето и развојот. „Влогот сега не е кој ќе ги добие следните избори. Влогот е дали нови работни места и индустрии ќе фатат корен во оваа земја или некаде на друго место. Влогот е дали Америка ќе го задржи лидерството што ја направи не само место на мапата, туку светлина на светот“.

„Светот е сменет“, беше најчестата фраза во говорот на Обама, кој не покажа дефанзива по победата на Републиканците на изборите за Конгресот. Во голем дел, и покрај националистичките фрази, Обама зборуваше отрезнувачки за предизвиците на неговата земја. За да може Америка да биде компетитивна во однос на Кина и на Индија, мора да направи многу, а успехот не е загарантиран. Во глобалниот свет американските нови технологии ќе зависат од овдешните идеи, но и од европскиот дизајн и од азиското производство. Тоа не е она што би сакале да го чујат луѓето во Конгресот кога треба да одвојат пари за финансирање.

Нивните души беа повеќе разгалени кога Обама на двапати рече: „Ние правиме големи работи“. Тоа беше вообичаен слоган од минатиот век, но сега е повеќе повик за заеднички оптимизам отколку за вистинската реалност во светот.

Иако обраќањето на Обама беше чекано со нетрпение, а некои работи беа намерно пробиени за да се заскокотка јавноста – како ��то се пораките да се „добие битката со иднината“ и „спутник-моментот“ - во Конгресот (како што јавија американските известувачи оттаму) имаше повеќе учтива атмосфера отколку ослободена енергија. Можеби затоа што сите беа во добро расположение, партиски помешани; можеби затоа претседателот не зборуваше за контроверзни работи, туку за нешта за кои има согласност, но можеби и затоа што над сите лебдеше сенката од пукотницата во Тусон, Аризона. Во галеријата заедно со првата дама, Мишел Обама, седеше семејството на деветгодишното девојче Кристина Грин, кое беше убиено во Тусон, а тука беше и младиот помошник на застреланата Гифордс, чија брза реакција, всушност, и' го спраси животот. Големи еуфории или кавги кога во галеријата седат длабоко трауматизирани луѓе не се ни политички ни човечки коректни.

Обама со голема страст го претстави својот проект за обнова на моќта на нацијата. Тој во него смести идеи што им се допаѓаат на Републиканците, но поради широчината на кратењето на трошоците, ќе предизвикаат големи дебати во поделениот Конгрес. За тоа време Кина и Индија ќе направат уште неколку чекори поблиску до Америка.


#
Статијата е прочитана 710 пати.

Испрати коментар

Од: kiwi
Датум: 28.01.2011 01:05:14
Svetot e smenet. Kina java na chelo, SAD go gubi zdivot i zaostanuva, a Indija i Brazil so svezi chekori grabat napred. Definitivno idninata ne e podarok i e krajno neizvesna.
Од: CACKO E OD KAVADARCI
Датум: 28.01.2011 06:33:19
Izgleda zaboravija deka ima i drugi pametni luge vo svetot i deka svetot ne e USA .

Најди! во Утрински
Свет
Хосни Мубарак забрани протести
Иранците и го затворија деколтето на Ештон
„Атињани во акција“ за пристоен град
Пет начини за бегство во Европската унија
Малолетник од САД ќе добие доживотна
Албанската војска ќе остане во касарните
Грчко-бугарски полициски патроли
Бара докази од Дик Марти
Чистка по терористичкиот напад