Пет начини за бегство во Европската унија
За 5.000 евра се купува виза, а фалсификуван полски или романски пасош и виза чинат меѓу 300 и 800 евра
КИШИЊЕВ - Додека Молдавија полека се приближува кон безвизно патување во ЕУ и се' повеќе станува транзитна точка за незаконските мигранти кон ЕУ, официјалните претставници на Молдавија наведоа некои начини што луѓето ги користат за да влезат во тврдината Европа.
Опција прва: да се купи вистинска виза. „Ролс ројс“ начин да се влезе во ЕУ илегално е да се поткупи конзуларен претставник на ЕУ во Молдавија, да издаде вистинска виза. Вјачеслав Цирлиг, шеф на полицискиот оддел за миграција во Министерството за внатрешни работи на Молдавија, пишува на веб-страницата ЕУ обсервер дека големината на поткупот е до пет илјади евра. Доколку успеете, тоа е несоборлив начин да се влезе во шенгенската зона на ЕУ без пасоши, каде што луѓето можат да останат и по истекувањето на визата и да исчезнат во општеството. Конзуларните претставници на ЕУ тешко можат да се поткупат. Во некои случаи, како Холандија, земјите на ЕУ имаат амбасада во соседна Украина и ангажираат Украинци или Молдавци да издаваат визи во Молдавија, а за странскиот персонал се вели дека се поподложен на подмитување.
Опција втора: да се купи фалсификуван полски или романски пасош или виза. Цената е меѓу 300 и 800 евра, но ризикот е поголем. Роман Ревенко, директор на Граничната служба на Молдавија, вели дека има современи скенери што „лесно“ ги детектираат фалсификатите. На 24 јануари граничарите фатија Молдавец со лажна полска виза купена за 800 евра.
Опција трета: да се сокриете во воз или во камион. Молдавија чека пари од ЕУ за да купи 12 современи подвижни скенери кои чинат по 300.000 евра, но се' уште ги нема. Ревенко вели дека граничарите „неодамна“ пронашле деветмина Турци, меѓу кои две деца на 12 и 14 години, скриени во камион. На мигрантите „им помагале“ германски државјани. Сепак, тој додава дека таквите случаи се „ретки“.
Опција четврта: да се замине со брод или да се плива. Границата меѓу Молдавија и Романија, која е членка на ЕУ, е реката Прут. Ревенко вели дека луѓето се обидуваат на два начина да ја поминат водата, но додава дека реката е „опасна“ поради силните струи.
Опција петта: да се помине пеш. Некои мигранти доаѓаат во Молдавија и заминуваат во Украина, која има долга копнена граница со Полска, исто така, членка на ЕУ. Таа опција, исто така, е опасна. Во2007 година, три девојчиња на возраст од шест, 10 и 13 години, загинаа во планината Бесцади додека се обидувале да влезат во Полска заедно со својата мајка. Доколку бидат фатени, мигрантите се соочуваат со тешки услови во украинските кампови за притвор. (ЕУ обсервер)
|