Обама и во Словенија
Избран градоначалник на Пиран, кој е имигрант од Африка
Љубљана - Словенија го избра првиот црномурест градоначалник, имигрант од Африка, познат како "Обама од Пиран", градот во кој живее.
Педесет и четири годишниот Питер Босман, кој е по потекло од Гана, е член на владејачката партија Социјалдемократи и тој е првиот црномурест градоначалник не само во Словенија, туку и во цела Источна Европа.
Тој победи во вториот круг од локалните избори во Пиран вчера со 51,4 проценти од гласовите.
Босман во Словенија се доселува пред 33 години за да студира медицина. Тој планирал откако ќе заврши со студиите да се врати во Гана, но се оженил со своја соученичка, која била по потекло од Хрватска и ја добил првата работа како лекар на туристите, кои го посетуваат словенечкото крајбрежје. Босман денеска има приватна ординација.
- Се вљубив во оваа земја. Словенија е мојот дом, изјави Босман по гласањето.
Пиран е гратче со околу 17 илјади жители, сместено во мал залив во Јадранското Море, чиј главен извир на приходи е туризмот. |