Татарчев ја раскара десницата
Владејачката партија доцна се сети да ги бара посмртните останки на првиот претседател на ВМРО
Александра М. Митевска
На ВМРО-ДПМНЕ доцна и' текна да поведе иницијатива за префрлање на моштите на Христо Татарчев во Македонија. ВМРО-НП вчера жестоко реагираше на ваквите најави од владејачката партија, која се сети на посмртните останки на првиот претседател на историската ВМРО на денот кога тие беа закопани на централните гробишта во Софија, а откако беа донесени од Торино, Италија, каде што Татарчев починал и бил погребан во 1952 година.
Бугарското ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов минатата година ги побара и ги доби останките на Татарчев, што до 2002 година биле погребани во Торино, а потоа биле извадени и оставени во магацинот на погребалната администрација.
Денот на ВМРО и најавите дека ќе се поведе иницијатива за враќање на моштите на Татарчев повторно ги подгреаја недоразбирањата во таборот на десницата. Меѓу ВМРО-ДПМНЕ и партиите што произлегоа од неа одново се разгоре дебатата за тоа кому повеќе му доликува да се смета за наследник на ВМРО од 1893 година.
Според Марјан Додовски, претседател на ВМРО-НП, потезите што ги влече партијата на власт немаат никаква допирна точка со филозофијата на историската ВМРО. „Сега одеднаш се сетија дека и' припаѓале на ВМРО. На ВМРО-ДПМНЕ само наменски и' текнуваат такви работи. Крајно безобразно и дрско е сега да излегуваат со вакви предлози, и покрај тоа што лани беа глуви и неми за нашата иницијатива за преземање на останките на Татарчев“, вели Додовски.
Тој потсетува дека ВМРО-НП, минатата година, на конгресот што го одржа на Денот на ВМРО - 23 Октомври, усвои Декларација за префрлање на посмртните останки на првиот претседател на ВМРО од Италија во Македонија. Веднаш потоа ВМРО-НП испратила официјален допис до Владата за реализирање на оваа иницијатива, а во јануари годинава беше одржана и прес-конференција на која Народна јавно побара од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да се заложи моштите на Татарчев да се вратат во неговата родна земја.
„ВМРО-ДПМНЕ тогаш не излезе во пресрет на нашите барања, а сега Влатко Ѓорчев настапува во јавноста со иста иницијатива. Кога го слушам што зборува ми личи на истото она смешно момче со опавче што на времето го испраќавме да ни купува бурек“, коментира Додовски. Тој посочува дека ВМРО-ДПМНЕ подигнува споменици на секој чекор, но оти не им текна дека треба да се најде место и за основачот на ВМРО.
Ѓорчев викендов соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ поведува иницијатива за преземање на моштите на македонскиот револуционер Татарчев. Тоа што останките на Татарчев веќе се закопани во Софија, за Ѓорчев е „балканско недоразбирање“ и тој очекува разбирање од источниот сосед.
На Денот на ВМРО, опозицискиот СДСМ, пак, ја повика власта да престане со „вмровизацијата“ и да каже на кои вредности ја темели историјата на македонскиот народ. Повод за ваква реакција беше руината што останала од куќата во Прилеп во која живеел истакнатиот револуционер Ѓорче Петров.
Христо Татарчев е еден од основачите на ВМОРО на 23 октомври 1893 година во Солун, кога е избран за претседател на првиот Централен комитет на оваа организација, чиј прв конгрес се одржал во Ресен, во семејната куќа на Татарчеви. Во енциклопедијата „Википедија“ Татарчев се споменува како близок пријател на Ванчо Михајлов и како соработник со десната струја во ВМРО, за што бил остро критикуван од Ѓорче Петров и исфрлен од организацијата. Наведено е и дека во своите дела Татарчев не еднаш се изјаснува како македонски Бугарин и зборува за обединета Бугарија. Роден е во Ресен во 1869 година, студирал медицина во Цирих и во Берлин, а починал во јануари 1952 година во Торино.
Актуелниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, кон крајот на 2004 година, кога беше опозиционер, во колумна во „Утрински весник“ изрази жалење што не е исполнета последната желба на Татарчев (според писмото на неговата сопруга Софија Татарчев, објавено во „Македонска трибуна“, во март 1952 година) - да биде погребан на црковните гробишта во село Јанковец. „Срамното, пак, во целата приказна оди на сметка на македонската држава, онаа чии темели д-р Татарчев ги удри во 1893 година, заедно со Дамјан Груев, бидејќи ниедна државна делегација досега не нашла за потребно да положи венец и да се поклони пред гробот на великанот“, напиша Милошоски пред шест години. Милошоски е еден од врвовите на власта во последниве четири години, но очигледно македонската држава и сега не најде некој посебен интерес Христо Татарчев да биде погребан во Македонија. Нема вистинско објаснување зошто. |