Македонија Престон се спаси од испаѓање
По многу возбудувања, дури во последното коло во првенството на Втората лига на Викторија во Австралија, фудбалерите на најпознатиот македонски клуб во Австралија, Македонија Престо, успеа да го обезбеди опстанокот во лигата. „Лавовите“ од Мелбурн, како што ги викаат играчите на Македонија Престон, во последното коло, на гостувањето против тимот Лангавирин спорт успеаја да одиграат нерешено 2:2, колку што им беше потребно и за влакно се спасија од испаѓањето. На крајот го освоија десеттото место, со бод повеќе од Клифтон Хил, кој заедно со клубот Малверн сити мораше да ја напушти лигата.
Овој меч го следеа голем број наши иселеници, кои на крајот на натпреварот заедно со играчите се радуваа по тешко освоениот бод, кој им овозможи и идната сезона да играат во Втората лига на Викторија.
Според пишувањето на нашиот известувач од Мелбурн, Георги Каев, Македонија Престон сака да ги засили своите редови со неколку фудбалери од Македонија, за таа цел веќе се водат преговори, но имињата засега се држат во тајност. (М.М.) |