Макао „збришан“, Грузија пресилна
Македонските шахисти ја почнаа Олимпијадата во Ханти Мансијск со победа од 4:0, а дамите со максимален пораз
Роберт Димитриевски
Брзо и лесно, пред истекот на првата временска контрола, машката шаховска репрезентација на Македонија почна со победа на 39. Олимпијада што почна вчера во рускиот град Ханти Мансијск, декласирајќи го аутсајдерот Макао со максимални 4-0. Некогашната португалска колонија, а денес повторно дел од Кина, беше совладана и на стартот од Шаховската олимпијада 2000 во Истанбул, кога Македонија го оствари својот најголем успех со делбата на седмото место, но тогаш резултатот беше 3,5-0,5.
Најдобрите македонски шахисти целосно ја оправдаа улогата на изразит фаворит како 43. на стартната табела според просечниот рејтинг на екипата 2524 наспроти 117-рангираниот противник меѓу 148 машки состави, со само еден репрезентативец со рејтинг над 2000. Токму тој, Роландо Фесалбон (2061), беше лесен плен на велемајсторот Никола Митков (2531) на третата табла, а речиси истовремено белите фигури ги искористи и ВМ Владимир Георгиев (2573) на првата табла против нерејтингуваниот Хексилон дела Круз Пунонгбајан. Прв од двајцата Македонци што играа со црни фигури работата ја заврши ВМ Трајко Недев (2505), кој на втората табла го принуди на капитулација Соломон Селис (1985). Точка на резултатот стави интермајсторот Филип Панчевски (2410) против Кенг Кеи Мак (1996) на последната табла.
Спротивно на машкиот национален тим, женскиот очекувано претрпе максимален пораз на четвртата турнирска табла од бранителот на олимпиското злато од Дрезден 2008 и четврти фаворит Грузија. Првата табла на 61-рангираната Македонија меѓу 114 женски тимови, ЖИМ Габриела Коскоска (2142), со црни фигури загуби од ВМ Нана Џагниѕе (2534). Идентично поминаа и Моника Стојковска (1928) на втората табла против ИМ Саломе Мелија (2439), како и Бојана Бејатовиќ (1891) во дуелот со ИМ Сопико Хухашвили (2422) и Драгана Николовска (1752) против ИМ Бела Хотенашвили (2464).
Топ-фаворити и во двете конкуренции се првите состави на домаќинот Русија, која на оваа олимпијада има дури осум тима, од кои пет во машка и три во женска конкуренција. Првиот машки состав на Русите има просечен рејтинг од 2755, а го сочинуваат Владимир Крамник (2780), кој го пропушти стартниот меч со Ирска, потоа Александар Гришчук (2760), Петар Свидлер (2731), Сегеј Карјакин (2747) и Владимир Малахов (2725), а капитен им е Евгениј Бареев.
Златниот медал од двете последни олимпијади во Торино и во Дрезден кај мажите го брани Ерменија, која во Ханти Мансијск е шесторангирана.
Митков - Фесалбон
1. е4 Сф6 2. е5 Сд5 3. ц4 Сб6 4. д4 д6 5. е:д6 ц:д6 6. Сц3 г6 7. Ле3 Лг7 8. Тц1 Сц6 9. д5 Се5 10. Ле2 О-О 11. б3 ф5 12. Дд2 Сбд7 13. ф4 Сф7 14. Сф3 Сф6 15. О-О е5 16. д:е6 Л:е6 17. Сд4 Лд7 18. Лф3 Сг4 19. Л:г4 ф:г4 20. ф5 Те8 21. ф:г6 х:г6 22. Сд5 Лц6 23. Тце1 Л:д5 24. ц:д5 Ле5 25. Се6 Л:х2+ 26. К:х2 Дх4+ 27. Кг1 г3 28. Тф4 Дх2+ 29. Кф1 Дх1+ 30. Лг1 Те7 31. Дд3 1-0 |