Ферари е тим од детските сништа
Според Физикела, Алонсо е најдобар тимски возач во Формула 1, а Шумахер најдобар на сите времиња
Џанкарло Физикела е човек зад чие име се запишани повеќе од 200 трки во 14-годишниот стаж во октанскиот циркус. Големиот фан на Рома и натаму е професионален, но не и неинтересен со оглед на искуството кое го носи од престижниот, но понекогаш и многу праволинискиот Ф1 свет.
Запрашан дали му недостасува Формула 1, Физикела ќе рече:
„Да и не. Останав со Ферари во првенството. Имам можност повторно да бидам во игра, да ги почувствувам емоциите и да се качам на подиумот. Но, понекогаш ми недостасуваат Ф1 трките, квалификациите, дури и она време кое го минувавме со механичарите. Дружењето со другите возачи, сето тоа беше убаво. Имав понуди да се вратам во Формула 1, но заклучив дека е време да кажам доста е“.
Џанкарло Физикела беше во Форца Индија, освои и први бодови за тимот, кога стигна повикот од Ферари да го замени Маса, и тоа во Италија. Веднаш се согласи да потпише договор до крајот на сезоната, но и да го прифати статусот на резерва во 2010 година.
„Таа одлука беше тешка. Особено затоа што имав понуди од други тимови, Форца Индија, Заубер, договорите ме чекаа. Но, се решив да останам покрај Ферари, подобро отколку да се вртам на опашката на карванот со некој друг тим. Ферари е најдобар тим, тим од моите детски сништа. И среќен сум поради тоа, среќен сум како тест-возач. А, ако стигне некоја добра понуда, никогаш не знаеш. Иако враќањето на Шумахер на патеките не е лесно, сепак, тоа е добра работа за Ф1. Но, навистина очекував да го видам во подобро издание. Очигледно е дека е тешко да се вратиш по три години пауза. Меѓутоа, Шуми и натаму е фантастичен возач, не се сомневам дека ќе дојде на своето. Тој е најголем против кого некогаш сум возел, а Фернандо Алонсо е најдобар со кого сум бил во еден тим“.
Јасен одговор, токму како што е јасно поради што Рено е посебен тим во кариерата на Физикела. Во тимот го доведе газдата Флавио Бријаторе. Покрај Алонсо требаше да ја искаже совршената форма, но тоа не му успеваше најдобро. Во 2006 година, сепак, ја забележа сезоната на животот: четврто место во генералниот пласман, една победа и пет подиуми.
„Не се чувствував како втора опција, можеби понекогаш. Меѓу мене и Алонсо секогаш се' беше во најдобар ред. Се веселев на неговите кругови и на победите. Тоа не беше однос кој медиумите го сакаат во своите написи. Последната сезона навистина беше добра. Веднаш тргнавме во вистински правец. Во Белгија стигнавме до првата пол-позиција, па и до првиот подиум. Напред беше само Кими. Имаше магични моменти.
На Џанкарло Физикела не му успеа да ја освои титулата светски првак, но е горд на своите три победи. Првата ја постигна во Бразил во тимот на Џордан во 2003 година, потоа во Мелбурн во 2005 и последната во Малезија во 2006 година, се разбира, со Рено.
„Веројатно, најдрага ми е онаа првата, но и другите две. Прекрасно е чувството да го постигнеш тоа, неопислива среќа“.
Физикела во кариерата промени седум тима со образложение дека тешко е да се остане во еден тим ако си долго во Формула 1. Тоа го поткрепува со кариерите на големи возачи како Шумахер и Барикело. Зборувајќи за денешните возачи Физикела ќе рече дека Алонсо и Хамилтон се најдобри, но дека најдобар на сите времиња, сепак, е Михаел Шумахер.
„Кога бев млад Сена беше мој херој. Но, денес би рекол дека тоа е Михаел Шумахер. Тој е седумкратен светски првак“. |