Број 3336  понеделник, 19 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Владините мерки ќе ни измесат и поскап леб?

Според мелничарите, до зголемување на цената на лебот сигурно ќе дојде, најверојатно за четири денари

Нина Нинеска-Фиданоска

Покачување на цената на лебот сигурно ќе има. Тоа може да се очекува многу брзо, а поскапувањето би требало да изнесува околу четири денари за килограм. Вакви предупредувања деновиве пристигнуваат од мелничарите во земјава, откако властите во петокот објавија неколку мерки со цел да ги заштитат домашните производители на пченица. Поточно, како што најави министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, мелничарите и пекарите ќе мора да откупат три килограми домашна пченица, за да можат да увезат еден килограм лебно жито без царина.

За брашното, пак, односот е 1 спрема 4, односно за увоз на еден килограм брашно е потребно да се откупат четири килограми домашна пченица.

„До зголемување на цената на лебот неминовно ќе дојде. Тоа може да се очекува многу брзо, или речиси веднаш, а, според моите очекувања, поскапувањето би изнесувало околу четири денари“, изјави вчера за „Утрински весник“ Николче Георгиев, сопственик на „Мак-млин“.

Според него, најновите владини мерки се в ред, а тие особено ќе бидат добри за земјоделските производители. Но, со нив мелничарите и пекарите нема да можат да набавуваат евтина пченица и брашно, а со тоа не ќе може да се избегне зголемување на цената на лебот. „Сега јадеме најевтин леб, но наскоро таа ситуација може да се измени“, смета Георгиев.

Сопственикот на „Мак-млин“ вели дека ваквите мерки Владата требаше да ги донесе порано, односно пред околу два месеца, за да можел македонскиот пазар навреме да се ослободи од српското брашно. „Сега нашиот пазар е веќе преплавен, па за да може да се стабилизира ќе бидат потребни уште најмалку два месеца. Исто така, не разбравме до кога ќе важат овие владини мерки“, објаснува Георгиев.

Според него, сега се јавува и еден друг проблем, а тоа е што оваа година нема да има квалитетна пченица, ниту во опкружувањето, пред се', во Србија, што ќе направи квалитетната пченица да биде скапа.

Мелничарите сметаат дека Владата, место вакви непопуларни мерки, требаше претходно да преземе други чекори, кои се применуваат и во другите држави, а кои ќе помогнеа земјоделците да станат поконкурентни во регионот. „Доколку, на пример, Владата се откажеше од акцизата на горивото за земјоделците, место еднаш, нивите ќе се ораа два пати, па така ќе се зголемеше приносот на пченица. Другата мерка што можеше да се преземе е да се субвенционира набавката на ѓубриво. Со тие две мерки ќе се добиеше и на квалитет, како и на квантитет. Па, така, субвенциите кои Владата ќе му ги дадеше на земјоделството повторно ќе се вратеа преку повисоките приноси на пченица, а ние немаше да бидеме зависни од увоз. Кога во старт би се субвенционирало земјоделството ќе имаше повисоки приноси, а со тоа и евтин леб и задоволни земјоделци“, објаснува Георгиев.

Тој смета дека владините мерки сега ќе дадат резултат преку подобрув��ње на состојбата на земјоделците, но властите мора да размислуваат за долгорочна стратегија во земјоделството, а не секоја година да се штитиме со непопуларни мерки.

За разлика, пак, од мелничарите кои сметаат дека пченицата во земјава е неквалитетна, земјоделците тврдат дека родот е со висок квалитет и се надеваат дека мелничарите ќе ја почитуваат препорачаната цена од девет денари за еден килограм пченица.

Инаку, Македонија и годинава нема да ги задоволи годишните потреби од пченица, бидејќи ќе произведе 290.000 тони, а и' се потребни 360.000 тони.

Премиерот Никола Груевски деновиве изјави дека мерките донесени за заштита на домашните производители на пченица се во рамките на владината посветеност за поддршка на земјоделството. „Штом се виде дека е можно да постои опасност околу производителите на пченица, ние останавме доследни на нашите политики и преземавме мерки за нивна заштита“, рече премиерот.

Инаку, министерот Димовски во петокот објасни дека со примената на овие мерки се очекува не само поголема контрола на увезените количини, туку и на квалитетот на странското брашно и пченица. Дел од мелничарите и пекарите, иако анонимно, уште првиот ден реагираа дека оваа мерка ги заштитува само земјоделците, а оти станува збор за непопуларна и неекономска мерка, која го ограничува нивното работење.

За да се осигура пласманот на домашното жито, како втора владина мерка за спас е и одлуката во почетокот на септември Агенцијата за стокови резерви, за потребите на државата да изврши интервентен откуп на пченица по цена од девет денари за килограм. Трета мерка е земјоделците да имаат можност да ја складираат пченицата во државните силоси во Прилеп, по цена од 40 денари за еден тон месечно.


#
Статијата е прочитана 1165 пати.

Испрати коментар

Од: dbreak
Датум: 19.07.2010 09:18:38
Dovolno beshe shto nie "smesija" prerodbata. Sega posle toa sé ni izgleda mackina kasha...
Од: trevor
Датум: 19.07.2010 09:57:11
Lebot e veke pokacen, LEBOT sto bese 19 denari sega e 21 denar...................

Најди! во Утрински
Насловна
Пациентот на Уставен
Тиквешански
Кузман Јосифовски - ПИТУархитектот на македонската држава (1)
Празно на Градска плажа
Дивиот коноп - кошмар за семејството Илиевски
„Масив атак“ го разбранува Кале
Поуки од нафтеното излевање
Универзитетот ја потврди оправданоста
„Хамлет“ на Драмски театар премиерно на „Охридско лето“
Кафкин синдром
Сред сезона Охрид без бродски сообраќај
Берлусконизација на македонските медиуми
Карикатура
Вељаноски и Фуере охрабруваат за дијалог
Стил