Поглед
Пациентот на Уставен
Манчо Митевски
Од 1 јули Владата воведе бесплатна правна помош. Сефте направи лично министерот за правда, кој во комбе им даде совети на неколку граѓани. Не знам колку граѓаните се заинтересирани за оваа корисна иницијатива, но знам дека едно од овие комбиња треба да се паркира пред Владата! И тоа поради две големи причини. Првата, бидејќи Владата е во голема беспарица и презадолженост, па се' што е бесплатно, би и' било од корист. Втората, бидејќи Владата има потреба од правни совети, како најголем муштерија на Уставен суд, кој, поради неуставност поништува најголем дел од регулативата што, подготвена од Владата, бланко ја усвојува владиното мнозинство.
Причини за ваквите незаконски застранувања, покрај арогантната убеденост дека Владата и програмата на ВМРО-ДПМНЕ се устав и закон во земјава, е и непочитувањето на основните принципи на владеење на правото, а се регулирани во Уставот. Во оваа пригода ќе спомнам два, на кои власта паѓа од доаѓањето. Дека „граѓаните се еднакви во слободите и правата“ (чл. 9), но и покрај тоа „поеднакви“ се оние со партиски книшки на владејачките партии. Дека „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се' додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“ (чл. 13 - пресумпција на невиност), но пред камери се апсат лица за дела од 10 евра, а оние од РЕК „Битола“, на пример, за милиони евра остануваат некадросани! Поради дневната актуелност, би спомнал и трет принцип „законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“ (чл. 52), но Владата со измени на Законот за јавни набавки, си го зеде правото да им го одложува плаќањето на фирмите за година и повеќе и покрај договорените услови и рокови!
И потоа Владата се жали, Цацко бил виновен. Уставен суд, де! |