Сред сезона Охрид без бродски сообраќај

Со забраната му се нанесува тежок удар на охридскиот туризам
Симон Илиевски
ОХРИД - Охридските бродари во петокот навечер од Капетанијата при Министерството за транспорт добија забрана за пловење со патничките бродови. Тие во саботата и вчера организираа протести и потегот го оценија како незаконит и нерационален, бидејќи забраната е донесена во главната туристичка сезона. Затоа стотици туристи не отпатуваа до „Свети Наум“ и до другите дестинации и забележлив беше нивниот револт како може ова да му се случува на Охрид.
„Според меѓународните стандарди, проверката на техничката исправност на бродовите може да се изврши три месеци пред и по регистрацијата на пловните објекти. Регистрацијата на охридските бродови заврши пред околу еден месец, што значи дека дозволите се' уште важат. Со забраната му се нанесува тежок удар на охридскиот туризам, бидејќи секој изгубен ден им прави ненадоместлива штета“, вели Горан Устијаноски од Здружението на бродари.
Во забраната се наведува дека бродовите мора да се пререгистрираат кај француската фирма „Биро веритас“, што деновиве ја избра Министерството за транспорт по откажувањето на договорот од германски „Лојд“, чиј претставник е второобвинет за потонувањето на бродот „Илинден“, што се случи во октомври минатата година. Сопствениците на охридските патнички бродови не се задоволни од изборот на француската фирма зашто таа четири пати е поскапа од бугарската.
Забраната за пловидба ќе трае се' додека бродарите не извршат технички преглед кај новиот овластен регистар „Биро веритас“. Бродарите се бунат дека доколку сега ја почнат процедурата, ќе ја пропуштат годинашнава сезона. Потсетуваат дека може да дојде и до нарушување на безбедноста на водниот сообраќај, зашто место со патнички бродови, туристите со кајчиња ќе одат до „Свети Наум“.
„Германски ’Лојд‘ ги откажа своите услуги 15 дена пред завршувањето на договорот и за тоа не ги информира македонските власти“, објаснува капетанот на македонските пристаништа Љупчо Насковски. Тој најави и тужба против „Лојд“ за надоместок на штета. Насковски ги демантира бродарите дека „Биро веритас“ за пререгистрација ќе наплатува по 7.500 евра, а тие возвратија дека избрале скапа фирма, место да склучат договор со бугарскиот бродорегистар кој наплатува по 1.500 евра.
Доколку бродарите не ја почитуваат забраната за пловење, од Министерството за транспорт и врски се заканија дека ќе ги казнуваат, а казните се осум илјади евра за правното лице и три илјади за капетаните на бродовите. Покрај заканата, Министерството за транспорт и врски се' уште нема коментар кој ќе ја сноси одговорноста за оваа постапка, која е голем удар за бродарите и за охридскиот туризам. |